| четврток, 6 декември 2018 |

Од денеска во НУБ детска изложба „Во светот на бајките“

Денеска напладне во НУБ „Св. Климент Охридски“ ќе биде отворена патувачката мултимедијална изложба насловена „Светот на бајките“. Со неа Гете институтот ја прославува 200-годишнината од објавувањето на првата збирка детски бајки од Грим. Збирката бајки од браќата Грим заедно со библијата на Лутер е најпознатата и најраспространета книга во германската културна историја. Преведена е на повеќе од  160 јазици, а во 2005 година беше прогласена за дел од светското културно наследство на УНЕСКО.

Изложбата „Светот на бајките“ опфаќа седум станици и води низ најзначајните мотиви од германските бајки. Преку многуте елементи за слушање, гледање и интеракција таа раскажува за магијата и волшебството, животните, злото, како и хероите и хероините во бајките, повлекува паралели со современата култура притоа наметнувајќи му бројни прашања на посетителот, кој за да ги пронајде одговорите ќе мора да се прошета низ шумата од бајките.

Почнувајќи од денеска до 21 јуни, изложбата ќе може да се посетува секој работен ден од 10 до 18 часот, а во сабота од 10 до 14 часот.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top