Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ изрази згрозеност од навредите што политичари и новинари ги упатиле кон стотиците илјади луѓе што застанале во одбрана на татковината. Тие, сметаат оттаму, се перфидна тактика за одвраќање на луѓето со закани и клевети за да им се задуши енергијата, која, како што велат, од ден на ден е сè поголема. Побара извинување од тие што ги изрекле навредите и најавија дека нема да се повлечат.
Иницијативата реагира на настапите на политичари и на новинари, кои граѓаните што ги поддржуваат ги нарекле пијаници, бандити и фашисти.
– На ваквите обиди одговараме. Нема срам од љубовта кон Македонија и нема повлекување. Меѓу нас има само вредности и само позитивна мисла. Затоа на сите стотици илјади граѓани што деновиве прошетаа на улиците на Македонија им благодариме и ги повикуваме да продолжиме на граѓански, домаќински, еснафски начин да ги промовираме вредностите за кои излегуваме на улица и да продолжиме да се бориме за заедничка Македонија – рече Богдан Илиевски од иницијативата за „За заедничка Македонија“.
Овие навреди, рече тој, покрај тоа што се навреди за стотиците илјади што излегоа на улиците, се навреда и за уште милион луѓе што се за заедничка Македонија.
– Тие се чесни луѓе, домаќини, еснафи од сите професии и сите возрасти. Културни луѓе, кои ги обединува љубовта кон својата татковина – рече Илиевски.
Додаде дека тоа за што се залагаат тие е базирано на тоа за што се залагале асномците, основачите на ВМРО, Никола Карев, бранителите, Кузман Јосифовски – Питу, Крсте Петков Мисирков и уште многу други дејци.
– Нашите идеи и вредности се базирани на мислата и светогледот на овие луѓе. Тие не биле фашисти, ниту пијаници. Тие се бореле против фашистите и злотворите. Ваквите квалификации се срамни. Ова е една перфидна тактика за одвраќање на луѓето со закани и клевети за да им се загуши енергијата која од ден на ден е се поголема. Ова е уште еден обид на луѓето да им се наметне срам од сопствениот патриотизам, слободна мисла и дејствување за доброто на татковината – рече Илиевски.
Дарко Мијалковски истакна дека неговото приклучување кон оваа граѓанска иницијатива е исклучиво во насока за зачувување на татковината.
– Јас сум човек кој прави емисии за дечиња во Република Македонија повеќе од 17 години и се трудам во моите емисии да ги учам да ја сакаат својата татковина. Навистина тешко ми паѓа кога некој ќе не нарече со вакви погрдни зборови поготово со самото тоа што и јас сум родител и не би сакал некакви фашисти да влијаат врз едуцирањето на моите деца – рече тој и побара извинување од тие што ги изговориле тие навреди.
Изрази зачуденост и побара одговор зошто одредена група, како што рече, „наши браќа, пријатели, би ги кажал Македонци, се свртеа против друга група етнички Македонци кои застанаа да ја бранат својата татковина“.
Нападите, Борис Дамовски од Иницијативата за заедничка Македонија, ги оквалификува како спинови кои ги очекувале, но не во толкава мерка.
– Навредите кон оваа огромна група граѓани кои се собираат секојдневно низ цела Македонија се непримерни и безобразни и би рекол тие се фашизоидни. Ги повикувам сите учесници да направат се протестите да бидат мирни и достоинствени. Тоа од ден на ден и се докажува – рече Дамовски.
Најави дека мирните протести ќе продолжат и денеска и во наредните денови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Илиевски: Наша должност е на идните генерации да им оставиме земја во која ќе живеат заеднички, мирно и достоинствено
-
„За заедничка Македонија“ : Сигурно е дека битката за правда и вистина продолжува, нашиот отпор е наша должност
-
Штипјани порачаа: Предвремени избори се единствен излез од кризата (Фото)
-
Охриѓани повторно со поддршка за иницијативата „За заедничка Македонија“