Македонскиот статистички систем е рангиран на 30. место во светски рамки, на шесто место меѓу земјите од Јужна Европа и на прво место меѓу земјите-кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ, во извештајот од истражувањето на националните статистички институции на 173 земји во светот за 2016 година, што го направи невладината организација „Опен дата воч“ (Open data watch (ODW)), која се занимава со истражувања и анализи на поврзаноста на отворените податоци (Open data) и официјалните статистички податоци.
Во споредба со рангирањето во 2015 година, македонската статистика е повисоко рангирна за 24 места во светски рамки (54. место во 2015 година) иако во истражувањето за годинава првпат се вклучени и развиените земји, а не само земјите во развој.
ОДВ се залага за отворени податоци и работи со други невладини организации и меѓународни агенции на промоција на придобивките од користењето на отворени податоци, особено во земјите во развој. Во нивното истражување се оценува опфатот и отвореноста на официјалните статистички податоци достапни на веб-страниците на националните статистички заводи со цел да се идентификуваат недостатоците, да се промовираат политиките за отворени податоци, да се подобри пристапот кон податоците, како и да се охрабри дијалогот помеѓу националните статистички заводи и корисниците на податоци.
Податоците се групирани во три главни категории: социјални статистики, економски статистики и статистики на животната средина. Секоја од категориите се бодира во однос на опфатот и отвореноста на податоците врз основа на десет елементи: опфат и дисагрегирање, достапност на податоците за последните 5 години, достапност за последните 10 години, расположливост на податоците на ниво на општини и на ниво на населено место, потоа можностите податоците да се читаат со помош на машина, да се објавени во слободни формати (excel), податоците да може слободно да се преземаат, дали постојат метаподатоци за податоците, како и можноста податоците да се користат неограничено, без лиценци и само со наведување на изворот.
Од Државниот завод за статистика, како координатор на националниот статистички систем и носител на најголем број од статистичките истражувања во Република Македонија, велат дека и во иднина ќе продолжат со определбите и заложбите за професионално и независно продуцирање на навремени и веродостојни статистички податоци кои ќе ги задоволат потребите на корисниците, како и за проширување и збогатување на фондот на податоци преку воведување на нови истражувања во духот на современите текови во статистиката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.