Tринаесеттата по ред „Критична маса“ во Скопје ќе се одржи в среда, на 29 мај, со почеток во 17.30 часот. Овојпат, покрај вообичаеното возење, собирот ќе заврши со музички настан во МКЦ, со што ќе се обележи и роденденот – цела година возење велосипед по скопските улици со цел подигање на културата на возење велосипед.
„Критичната маса“ се случува секоја последна среда во месецот и собира стотици граѓани на своите велосипеди. Нивната цел е да ја подигнат културата на возење велосипед во Скопје, но и да покажат пред возачите на автомобили и пред градските власти дека Скопје има бројни велосипедисти и потребно е да се создадат услови и за нивно непречено учество во сообраќајот.
Собирот на велосипедистите на оваа 13-та „Критична маса“ ќе биде на паркингот кај „Веро центар“ (спроти Централен регистар) од 17.30 часот. По што велосипедистите ќе се упатат по предвидената рута кон Аеродром и Лисиче. Рутата по која ќе се движат ќе заврши пред Младинскиот културен центар, каде што велосипедистите ќе го прослават едногодишното педалање по скопските улици. На роденденската забава ќе настапат, на добра волја за поддршка на велосипедизмот, неколку скопски музички состави: Фонија, Човекот од Хром – ЛД Пистолеро, Љупа Д Џон – Ѓон, Вселенковци и диџеј Гоце САФ.
– Секој може да биде дел од „Критична маса“. Сѐ што треба е да се јавне велосипедот, да се приклучи на поворката и при тоа да се вози одговорно како вистински учесник во сообраќајот. Токму затоа и секој учесник е и организатор на „Критичната маса“, без нив таа не постои и стилот и општествениот ангажман на „Критичната маса“ зависи од секој од учесниците – велат од неформалната група граѓани „На точак“ .
Од неодамна „Критична маса“ се случува и во Тетово.
„На точак“ е неформална група скопски велосипедисти, оформена првично преку социјални мрежи. Цел на групата е популаризација на велосипедот како урбано превозно средство во Скопје.
„На точак“, а воедно и „Критичната маса“, нема одговорно лице кое го претставува пред јавноста. Секој учесник е и организатор и претставник на „Критична маса“.
„Критична маса“ во Скопје се одржува секоја последна среда во месецот. Часот е променлив во зависност на делот од годината. Вообичаеното почетно време е 17.30, освен во лето кога е 19 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.