| четврток, 6 декември 2018 |

Полицаец со службено возило прегазил велосипедист во Скопје (ФОТО)

На семафорот пред ЕУ инфо центар во центарот на Скопје, полициско возило, на пешачки премин, удрило во велосипедист.

Полицаецот кој го возел службеното Јети непрописно свртил десно заобиколувајќи го триаголникот и го удрил велосипедот додека поминувал пешачки на зелено, известуваат од организацијата „На Точак“, која на фејсбук објави и фотографија од инцидентот и апелираше до МВР да реагира за случајот.

-Ова е еден од низата случаи за кои НаТочак укажува за третманот на полициските службеници кон велосипедскиот сообраќај. Секојдневно сме сведоци на паркирани полициски коли на велосипедска патека, наместо службениците да се ангажираат во казнување на автомобилите кои го практикуваат тоа, тие самите ја загрозуваат безбедноста. Секојдневно сме сведоци на непрописно возење, прекршување правила и прописи од страна на полицијата, дури и кога нема пуштено ротациони светла, но општоприфатено е тоа да се толерира бидејќи – тие се полиција, реагираат од Организацијата.

Од организацијата велат дека велосипедистот е во добра состојба и нема посериозни телесни повреди.

Тие додаваат дека се работи системски проблем и бараат многу посериозен ангажман од МВР заедно со РСБСП за едукација на службениците во однос на велосипедскиот и пешачкиот сообраќај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top