Друштвото на писателите на Македонија доби донација, уметничка слика, портрет со ликот на поетесата Даница Ручигај. Сликата е дело на ликовниот уметник Ставре Димитровски Стадим, а ја донира, по повод 70-годишниот јубилеј на ДПМ, Златица Поповиќ, сестра на поетесата Даница Ручигај.
Портретот на Даница Ручигај станува составен дел на богатата збирка на ДПМ, од 112 уметнички слики и скулптури, со ликовите на Св. Климент Охридски, Браќата Миладиновци, Крсте Петков Мисирков, Никола Вапцаров, Кочо Рацин, како и на низа претставници на современата македонска литература, меѓу кои: Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Живко Чинго, Симон Дракул, Владо Малески, Коле Чашуле, Стале Попов, Ванчо Николески, Томе Арсовски и Димитар Митрев. Автори на сликите се познати ликовни уметници од форматот на Димитар Кондовски, Ана Темкова, Василие Поповиќ Цицо, Коле Манев, Танас Луловски, Боро Митрически, Томе Серафимовски, Сергеј Андреевски и Новица Трајковски.
Портретот на Даница Ручигај во ДПМ ќе биде промовиран на 7 март, во пресрет на меѓународниот ден на жената. За творештвото на Ручигај ќе зборува Мирјана Стојановска, а стиховите ќе ги чита Александра Велинова.
Во рамките на Друштвото на писателите на Македонија работи Клубот на писателките со името на Даница Ручигај. ДПМ доделува награда „Даница Ручигај“ за најдобра стихозбирка на годината од поетеса, членка на македонската писателска асоцијација.
Даница Ручигај е родена во 1934 година во Скопје, а животот трагично го завршува во земјотресот од 1963 година. Автор е на поетските книги „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на најновата книга „Липите кај Сарај куќа“ на Лидија Дочовска Павловска во ДПМ
-
Загајевски стана почесен член на Друштвото на писатели на Македонија
-
„Празник на липите“: Врачени наградите „Книжевно жезло“ на Видое Видически и Ѓеорѓе Добре
-
„Празник на липите“ в четврток во Друштвото на писателите на Македонија