Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објави романот „Сочувство“ од португалската писателка Дулсе Марија Кардозо. Романот е добитник на Европската награда за литература во 2009 година. Преводот на македонски е на Ненад Трповски.
Ноќ. Бура. Автомобил што доживеал сообраќајка. Во автомобилот – сама жена. Во главата на жената – целиот живот што го водела досега и што ја довел дотука. Ослободена од товарот на своето постоење, конечно е во состојба да ги види животот и луѓето со кои била опкружена во вистинско светло.
Мајката на Виолета е разочарана од надворешниот изглед на својата ќерка, па често пати ја форсира внуката. Таткото доживеал предавство од сопствениот син за време на револуцијата. Нејзиното работно место како продавачка на козметички производи и прекарот „страшило“ со кој ѝ се обраќаат и на улица ја дополнуваат крајно депресивната слика на еден тажен живот во кој секој ден е борба со бескрајни порази и разочарувања.
Потресните епизоди од животот на Виолета, соништата, фантазијата, мислите и чувствата, се прекршени низ призмата на нејзиниот ум и раскажани со брилијантен стил што се граничи со врвна поезија во најдобрата традиција на португалската книжевност. Според критиката, овој роман „се чита како една долга песна“.
Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската унија.
Дулсе Марија Кардозо (1964) е португалска писателка. Детството го минала во Ангола. Студирала право и работела како адвокатка, пред да се посвети на писателската професија. Израснала во една од најоригиналните уметнички појави на новата генерација португалски писатели, мајсторка на оригиналната проза и на нестандардното раскажување. Добитничка е на наградата на португалскиот ПЕН-клуб.
Ненад Трповски (1986) дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрите за италијански и португалски јазик и книжевност во 2009 година. Во периодот помеѓу 2011 и 2013 година живее во Лисабон, Португалија, каде што стекнува вредно директно искуство во португалскиот јазик и култура. Автор е на десетдневна работилница за креативно пишување одржана во Лисабон. Во последните неколку години работи во приватен сектор како консултант на проекти за меѓународен развој. Преведува од италијански и од португалски јазик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на романот „Манастир Фуентерабија“ од Јагода Михајловска-Георгиева во Библиотеката „Браќа Миладиновци“
-
„Бележникот на татко ми“ од најтиражниот писател од Холандија – Кадер Абдолах
-
Смртна казна за познат писател на крими-романи: Злосторството го прераскажал во роман
-
„Антолог“ ја објави книгата „Лисица“ од Дубравка Угрешиќ