Македонските туристички дестинации и оваа година, беа промовирани на Меѓународниот саем за туризам (ITF) во Белград.
Како што соопшти Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, на Саемот се остварени и нови контакти со оператори кои сакаат да ја вклучат Македонија во својата понуда.
– Континуирано остваруваме средби со нашите долгогодишни партнери со кои ја одржуваме меѓусебната соработка. Остварени се и нови контакти, со Астерија травел и Балкан Брејк, кои сакаат да ја вметнат Македонија во нивната туристичка понуда – наведува Агенцијата.
Според АППТРМ, македонскиот туристички производ е веќе препознатлив на српскиот туристички пазар. Тоа го покажува растот од 31,52 отсто за туристички посети во последните четири години, со остварени 50.145 посети и 93.782 ноќевања во 2016 година. Српските туристи најмногу го посетуваат Југозападниот и Југоисточниот регион, а нешто помалку Вардарскиот.
На саемот што се одржа од 23 до 26 овој месец, имаше 11.000 излагачи, 75.000 посетители и потенцијални туристи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.