Театарот за деца и за младинци од Скопје ги почна подготовките за претставата „Мачорот во чизми“. Адаптацијата на познатата приказна од Шарл Перо ја направи Горјан Милошевски, според Вашите идеи. Како ја замисливте претставата?
Ивковиќ: „Мачорот во чизми“ ќе биде интерактивна, забавна, смешна херојска комедија, во која ќе изобилува магијата и илузијата. Со колегата Горјан Милошевски, кој е автор на текстот, создадовме ново оригинално читање на бајката од Шарл Перо, што е мошне уникатно и привлечно за денешната млада публика.
Анализирајќи го самиот наслов „Мачорот во чизми“, се обидовме да одговориме на прашањето: што е тоа толку необично, чудно или волшебно што го прави тој мачор посебен и впечатлив. Низ креативна дискусија заклучивме дека тоа е добрата магија и илузија, која му помага на мачорот Макс да го спаси кралството од канџите на лошиот и злобен вештер-магионичар Ужвекс.
Со оваа претстава, која е прва од годинашната програма на Театарот за деца и за младинци, се обидуваме да внесеме и свежина не само во содржинска, туку и во естетска смисла на претставите за деца. За таа цел, особено е важна и соработката со илузионистот Гого Реквием, кој дава особен придонес во креирањето на претставата.
Обично во приказните има порака не само за децата, туку и за возрасните. Каква порака носи оваа претстава?
Ивковиќ: За разлика од сомнителните морални пораки во оригиналната бајка на Шарл Перо, во која итрината, манипулацијата и корумпираноста се адутите за исполнување цели во животот, нашиот „Мачор во чизми“ ги промовира херојството, другарството и доброто. Тој му помага на неговиот господар Каспер да стане принц затоа што верува во доброто другарство и пријателство. Во животот мачките секогаш ги перципираме како индивидуални суштества, кои не споделуваат емоции и никогаш не може да се скротат. Нашиот мачор што носи волшебни чизми не е себичен, туку авантурист и херој, кој го спасува цело кралство од пустошот на лошиот вештер.
Оваа претстава ќе биде забавна не само за детската публика, туку и за повозрасната. Публиката од различни генерации ќе ужива во безбројните урнебесни авантури што ги предизвикуваат смешни и карактерни ликови, кои ги толкуваат: Мартин Јордановски, Ненад Митевски, Мики Анчевски, Марија Ѓорѓијоска, Емра Куртишова, Ненад Митевски, Винета Дамчевска, Владимир Лазовски.
Исто така, со магијата и со илузијата што ќе биде користена во претстава, заедно и со илуминацијата, како ексклузивност на нашиот репертоар, верувам дека ќе ја испровоцираме и тинејџерската, но и повозрасна публика.
Со Вашата претстава, всушност, почнува реализацијата на програмата на Театарот за деца и за младинци во 2017 година. Од аспект на резидентен режисер во Театарот за деца и за младинци, кажете ни што друго ќе може да се погледне на репертоарот оваа година?
Ивковиќ: Предвидено е да се реализираат уште три други проекти. Веднаш по „Мачорот во чизми“, со работа продолжува пријателот на Театарот за деца и за младинци, режисерот Боњо Лунгов, кој ќе работи на мјузиклот „Училница 303“, а до почетокот на летото ќе се реализира и претставата „Снежната кралица“, во режија на Софија Ристевска.
До крајот на годината, ќе биде реализирана уште еден проект за кој веруваме дека ќе биде вистински хит, а тоа е претставата „Во месечевата соба“, во режија на гостинот од Бугарија, Петар Пашов Помладиот.
Активен сте и во „Театар 007“, „Лица без маски“ и во Училиштето за театар „Од игра до претстава“, како редовен предавач… Што се подготвува таму?
Ивковиќ: Заедно со „Мачорот во чизми“, во тек се и финалните подготовки за јубилејното десетто по ред издание на ИТФ „Лица без маски“, што ќе се одржи од 8 до 12 април. Во знакот на јубилејот создадовме, навистина, успешна програма, со интернационални гости, а на наше задоволство и со голем број македонски независни театарски продукции.
Секако, тука се и незибежните часови со најмладите, но и повозрасни љубители на театарот, кои сакаат да здобијат знаења за актерската игра, режијата, креативното пишување и секој час и ден е нова успешна и забавна приказна.
По вокација режисер, извесно време новинар, а во последно време најголем дел од времето го поминувате во театарот. Што претставува за Вас театарот? Како го доживувате?
Ивковиќ: Театарот е местото во кое се исполнуваат соништата. Тоа е местото во кое илузијата станува реалност, а реалноста ја креираме како многу поубава и поведра од таа што ја живееме. Можеби на тој начин и јас интимно се обидувам да бегам од реалноста, која, за жал, е сурова и боли по сите рабови на егзистенцијата.
Искрено верувам дека театарот сѐ уште има моќ и сила, не само да направи промени внатре за себе, туку и да ги избрише аморалните вредности во општеството.
Разговараше: Невена Поповска
Фото: Александар Ивановски
(Текст објавен во 234. број на неделникот „Република“, 24.2.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Актерите од „Забрането смеење“: Публиката да се впушти во една театарска авантура
-
Театар за деца и младинци ќе го прави првиот македонски мјузикл за деца
-
Кренаре Невзати- Кери го постави Шекспир за деца во Театарот за деца и младинци
-
Театар за деца и младинци ја подготвува претставата „Сонот на Вилијам“ посветена на Иван Ивановски (фотогалерија)