Претседателството на Демократската унија за интеграција (ДУИ) на синоќешната седница ја прифати верзијата за употребата на албанскиот јазик, а, како што изјавија претставници на партијата, приближени се ставовите со СДСМ.
Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, по завршување на седницата изјави дека едногласно е дадена согласност за предлог-текстот за албанскиот јазик.
– Претседателството на ДУИ ги исцрпи сите аргументи во однос на законот за јазикот, и на крај едногласно даде согласност за текстот на овој закон. Го завршивме овој дел од дебатата и утре ќе почнеме со другите делови за можната хармонизација на една заедничка платформа за заедничко владеење – рече Османи.
Тој додаде дека има уште прашања за кои треба да се дискутира, но дека е значајно дека е заокружена една значајна фаза.
– Има прашања за кои треба да се дискутира, евентуално за хармонизација на платформите, за начинот на заемната поддршка. Исто така, има и други теми, кои ќе се отворат в петок. Значајно е дека денес заокруживме една значајна фаза од овој процес – рече Османи.
По состанокот Рафиз Алити посочи дека предлог-законот „може да не е совршен“, но дека претседателството дало согласност да се оди понатаму со СДСМ.
– Начелно го поддржавме предлог-законот за употреба на јазиците. Останува претседателот со преговарачката екипа да се сретнат со претставниците на СДСМ – изјави Алити.
В петок се очекува да се одржи седница на претседателството на ДУИ на која би се разговарало за тоа која опција е прифатлива за оваа партија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.