Ревија од голови на „Етихад“ и триумф од 5-3 за Манчестер сити во прекрасниот меч што го приредија заедно со Монако во првиот осминафинален дуел од Лигата на шампионите. Фалкао и Мбапе се опасен тандем и тоа го докажаа и против „граѓаните“ вечерва, но и Пеп Гвардиола има голгетерска машинерија во своите раце.
Домашните фудбалери, осоколени од домашната публика, започнаа офанзивно и први се заканија преку Стерлинг, кој за нијанса закасни на додавањето на Јаја Туре. Се играше претежно по левата страна, по која напаѓаше Сане, кој во комбинација со Стерлинг му го отвори патот на Силва, кој постигна гол, но истиот беше поништен поради офсајд.
Монако воврати преку Глик, кој се закани по корнерот од десната страна, но ударот заврши покрај голот на Кабаљеро. Веќе во следната акција Стерлинг го отвори резултатот, по акцијата на Силва и Сане по левата страна.
Гостите од кнежевството ја докажаа одличната голгетерска форма и постигнаа два гола во осум минути за целосен пресврт. Најпрво, Фалкао ја искористи одличната асистенција на Фабињо за 1-1, за пред полувремето Мбапе да ја круниса одличната игра на француската екипа и донесе предност пред паузата.
Предноста можеше да биде поголема доколку Фалкао го реализираше пеналот на стартот на вториот дел. По стартот над Отаменди, главниот судија досуди најстрога казна, а Колумбиецот пропушти шанса да по вторпат да ја затресе мрежата на „граѓаните“.
Следуваше нов период со високо темпо на игра, кое резултираше со два нови гола, по еден на секоја страна. Најпрво, Агуеро израмни на 2-2, по очајната реакција на Субашиќ, за потоа Фалкао со прекрасен лоб удар да го насамари Кабаљеро за ново водство на гостинската екипа.
Сити и по вторпат се врати во игра, а Агуеро со својот втор погодок израмни на 3-3. По центаршутот од левата страна, Аргентинецот ја зафати топката со прекрасен волеј и одново ја врати надежта на „Итихад“.
Лудиот пресврт го донесе дефанзивецот Стоунс, кој се најде на вистинското место по корнерот на Де Брајн и остана сам на подалечната статива, погодувајќи за 4-3. Конечниот резултат го постави Лерој Сане, која погоди за 5-3. На голот му претходеше фатастична акција на Силва и Агуеро, кој несебично додаде до својот соиграч за лесна завршница.
Резултато можеше да се промени по ударот на Фалкао, кој во пад ја зафати топката и биеше во ногата на домашниот голман.
Реваншот во Монте Карло се игра три недели на 15 март.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.