Уште една лоша вест за српската кошаркарска репрезентација стигна од Москва, а ја потврди синоќа претседателот на ЦСКА, Андреј Ватутин. Милош Теодосиќ, плејмејкерот на Србија, нема да игра на Европското првенство во кошарка во Словенија, од 4 до 22 септември.
Тоа е уште еден сериозен удар за „орлите“ и особено за селекторот Душан Ивковиќ, по откажувањето на неколку репрезентативци кои не сакаат да настапат на Евробаскетот 2013. Теодосиќ ја повреди потколеницата на десната нога, играјќи за ЦСКА Москва против Химки, во ВТБ-лигата и ќе мора на операција.
– Теодосиќ е сериозно повреден и ќе мода да замине на операција. Тоа го потврди и доктор од Германија. Кога и каде ќе биде оперативниот зафат, сѐ уште не знаеме. Рехабилитацијата ќе трае од два до четири месеци – изјави Ватутин.
Србија ќе ѝ биде противник на Македонија во фазата по групи, што ќе се игра во Јесенице. Со нас се и Црна Гора, Босна и Херцеговина, Летонија и Литванија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.