Младите македонски модни дизајнери првпат имаат шанса да ги претстават своите модели на Модната недела во Лондон. На натпреварот може да учествуваат модни дизајнери на возраст до 33 години или тие со максимум пет години работа во модниот бизнис. Станува збор за регионален проект поврзан со модата, прв од ваков вид на Балканот и воедно натпревар на кој ќе учествуваат дизајнери од Македонија, Србија, Словенија и од Хрватска. По тројца одбрани дизајнери од четирите земји ќе имаат можност да ја претстават својата работа за време на Модната недела во Белград, која ќе се одржи во март. Победникот ќе биде награден со презентирање на колекциите на „Фешн скаут“ во Лондон, за време на Модната недела во септември. По пристигнувањето на пријавите, професионално жири ќе направи селекција врз основа на квалитетот на сработеното и идеите.
– „Фешн скаут“ е дел од лондонската модна недела и претставува платформа која работи на пласман на млади таленти. Најчесто новата генерација дизајнери се откриени токму во рамките на презентирањето таму. Денес имаме многу познати имиња во светски рамки, така што, дефинитивно, станува збор за голема шанса која му се нуди на победникот на нашиот натпревар – вели Марија Илиќ, задолжена за односи со јавност во Моден викенд – Скопје.
Според неа, има шанси македонски дизајнер да се појави на Модната недела во Лондон.
Првпат се случува македонски млади дизајнери да имаат шанса да се појават на Модната недела во Лондон. Како се случи таа соработка?
ИЛИЌ: Со модните недели во Белград и во Љубљана имаме соработка од претходно и наши дизајнери се претставувале кај нив, како и тамошни дизајнери во рамките на нашиот настан. Мартин Робертс, исто така, е наш соработник и консултант. Подолго време разговаравме за оваа идеја, но, ете, требаше време и технички услови за да се реализира. Веруваме дека регионот има со што да се гордее и има што да покаже во европски рамки, па и во светски. Сакаме заеднички да се обидеме модната индустрија да ја однесеме на повисоко ниво и да им ги отвориме вратите на нашите дизајнери. Повеќето млади балкански дизајнери кои се познати во странство шансата ја добиле токму преку слични презентации и шанси кои им биле дадени.
Кој има право да аплицира?
ИЛИЌ: Натпреварот е отворен за модни дизајнери на возраст до 33 години или за тие што имаат максимум пет години работа во модниот бизнис. Сите заинтересирани треба да испратат минимум шест скици – без ограничување на темата или сезоната за која се наменети креациите, но задолжително е да бидат создадени од нова идеја. Стари колекции нема да бидат прифатени, потоа „мудборд“ и опис на колекцијата, кратка биографија, информации и слики од претходните колекции и каде биле претставени почнувајќи од 2012 година. Рокот за аплицирање е 20 февруари 2017 година на info@fashionweekendskopje.mk.
Дали почнаа да пристигнуваат пријави за конкурсот?
ИЛИЌ: На наше големо задоволство, во првите неколку дена се пријавија солиден број дизајнери. Ова е одлична можност за младите креативци што имаат идеи, а немале можност да ја претстават својата работа. Тие што сериозно планираат да се занимаваат со модната индустрија ги користат сите можности и добро знаат за какво потенцијално искуство станува збор.
Според Вашето искуство, има ли шанса да видиме македонски дизајнер на Модната недела во Лондон?
ИЛИЌ: Зошто да не. Странците што преку нашиот настан имале можност да ги видат креациите на некои од домашните имиња, имаат многу позитивни коментари, но патот до ателјеата и изложбените салони од Македонија до странство не е секогаш лесен и краток. Одлучивме да им се даде еднаква шанса на сите и по тројца финалисти од Македонија, Хрватска, Словенија и од Србија ќе имаат можност да се борат на ист начин и под исти услови. Секако дека ќе ни биде драго доколку токму македонски дизајнер замине за Лондон и има можност да ја претстави својата работа, нашата земја и, секако, Моден викенд – Скопје. Потребна е поголема верба во нашите дизајнери и повеќе поддршка од институциите што го можат тоа.
Ќе ни објасните ли нешто повеќе за настанот „Фешн скаут“, кој се одржува веќе 10 години?
ИЛИЌ: „Фешн скаут“ е дел од лондонската модна недела и претставува платформа која работи на пласман на млади таленти. Најчесто новата генерација дизајнери се откриени токму во рамките на претставувањето таму. Денес имаме многу познати имиња во светски рамки, така што, дефинитивно, станува збор за голема шанса која му се нуди на победникот на нашиот натпревар.
Основачот на „Фешн скаут“, Мартин Робертс, еднаш беше во Македонија и имаше шанса да се запознае со работата на македонските модни дизајнери. Какви беа неговите впечатоци за македонската мода?
ИЛИЌ: Мартин беше дел од бизнис-програмата на осмото издание на Моден викенд – Скопје, на наше големо задоволство успеавме да го донесеме во Скопје со помош на Британскиот совет во Македонија. На предавањето на тема „Моден бизнис и промоција“ им го пренесе своето долгогодишно искуство на Олгица Ѓоргиева, Ивана Цветковска, Ле Бренд, Елена Спасовска, Искра Џокиќ, Ирина Тошева, Елена Љутикова, Мелани Димитровска, Елена Додевска и Александра Јанчевска, кои беа избрани преку отворен повик. Робертс присуствуваше и на ревиите на повеќето тогашни учесници и општиот впечаток е дека имаме талентирани дизајнери кои можат да постигнат многу доколку работат перманентно и, секако, во правилна насока.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
(интервјуто е објавено во 233. број на неделникот Република кој излезе во печат на 17.02.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Мијата манекенка на Моден викенд Скопје
-
Марија Илиќ, Моден викенд Скопје: Младите дизајнери се креативната сила на државата и заслужуваат шанса да ја покажат својата работа
-
Роберт Ивановски и Евгенија Зафировска ќе го отворат 17. Моден викенд, Олгица Ѓоргиева го затвора пролетното издание
-
Моден викенд Скопје завршува вечерва со мултимедијална презентација на Ирина Тошева