| четврток, 6 декември 2018 |

ЦИА ги шпионирала сите партии на последните претседателски избори во Франција

 

cia francija izbori

Сите големи француски политички партии биле инфилтрирани од агенти на ЦИА и биле прислушкувани преку електронски уреди седум месеци пред претседателските избори во Франција во 2012 година. Откритијата се содржани во трите наредби на ЦИА што ги објави „Викиликс“ како контекст за претстојната серија „Трезорот 7 на ЦИА“. Шпионирале биле француската Социјалистичка партија (СП), Националниот фронт (НФ) и Унијата на народното движење (УМП) заедно со сегашниот претседател Франсоа Оланд, тогашниот претседател Никола Саркози, сегашната претседателска кандидатка во првиот круг од изборите Марин Ле Пен, и поранешните претседателски кандидати Мартин Обри и Доминик Штраус-Кан.

ЦИА оценила дека партијата на претседателот Саркози не е сигурен реизбор. Некои од посебните задолженија во врска со неговата партија вклучуваат набавување на стратешките изборни планови на Унијата за народно движење (УМП); раскол или сојузи во елитата на УМП; приватни реакции на УМП кон кампањските стратегии на Саркози; дискусии во рамките на УМП за какви било слабости за одржување на власта по изборите; напори за промена на идеолошката мисија на партијата; и дискусии за поддршката на Саркози за УМП и вредноста што ја припишува на продолжување на доминацијата на партијата. Агентите на ЦИА биле задолжени да откријат што мисли Саркози за другите кандидати, како и за неговата интеракција сo советниците. Претходната самоидентификација на Саркози како „Саркози Американецот“ не го заштити од американската шпионажа за време на изборите во 2012 година или во текот на неговото претседателствување.

Наредбата за шпионажа на опозициските политичките партии и стратешките планови на кандидатите за изборите, чија цел биле Франсоа Оланд, Марин Ле Пен и други лица од опозицијата бара да се дознаат стратегиите на опозициските партии за изборите; информации за внатрешната динамика на партијата и нивните лидери; напори да се влијае и да се спроведат политички одлуки; поддршка од претставници на локалната власт, владејачката елита или бизнис елитата; ставовите на САД; напори да се допре до другите земји, вклучувајќи ја и Германија, Велика Британија, Либија, Израел, Палестина, Сирија и Брегот на Слоновата Коска; како и информации за финансирањето на партиите и кандидатите.

 

Значајно е тоа што две задолженија за шпионирање на ЦИА во однос на опозициските партии, „Кои политики ги промовираат за зајакнување на економскиот раст на Франција?” и „Што мислат за германскиот модел на извозно ориентиран раст?“ се совпаѓаат со наредбата за економска шпионажа од истата година, според која се бараат детали за секој иден француски договор за извоз или договор во вредност од 200 милиони долари или повеќе.

Според задолженијата за шпионирање на опозициските партии, исто така, ЦИА барала да се дознаат ставовите на кандидатите за економската криза во ЕУ, нивната позиција за грчката должничка криза; улогата на Франција и Германија во справувањето со грчката должничка криза; ранливоста на француската влада и француските банки; и конкретни предлози и препораки за справување со кризата во еврозоната.

Наредбите за шпионажа на ЦИА што ги објави Викиликс се класификувани и ограничени само за очите на САД (не смеат да се споделуваат со странци). Според наредбите собраните информации се за поддршка на активностите на ЦИА, Агенцијата за одбранбено разузнавање (ДИА), и за одделот за разузнавање и истражување при Стејт департментот на САД.

Операцијата на ЦИА траела десет месеци од 21 ноември 2011 година до 29 септември 2012 година, покривајќи ги француските претседателски избори април-мај 2012 година и формирањето на новата влада.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top