Албанските партии потписници на платформата викендов одлучија дека во рок од три дена треба да формираат работна група, односно тело, составено од по двајца претставници од секоја партија, кое ќе изготви предлог закон за употреба на јазиците. Kому ќе му биде потоа доставен предлогот, дали само на партијата со која сега се преговара – СДСМ или и на ВМРО-ДПМНЕ? На ова прашање портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, вчера ни одговори дека сега ќе му биде даден само на СДСМ.
Османи исто така го потврди и она што „Дневник“ го објави пред два дена дека ДУИ практично се откажува од албанскиот јазик и писмо како официјални на целата територија на Република Македонија сега залагајќи се само, како што објаснува Османи, за службена употреба. На пример, министрите во Владата да зборуваат на албански и да добиваат документи и други материјали на истиот јазик или, пак, доколку се води судска постапка во Штип, на пример, во која е инволвиран Албанец, да се обезбеди превод и слично.
Ова со други зборови значи дека ДУИ излезе од платформата и црвените линии зацртани во неа, особено од приоритетната – албанскиот јазик и писмо да бидат официјализирани.
– Во врска со шпекулациите и брифинзите дека нашиот предлог закон за јазикот излегува од рамките на Уставот, сакам да истакнам дека ниеден член од предлогот не излегува од рамките на Уставот и како таков не е почетна позиција за преговори, туку воопшто не е предмет на преговори. Тој може да се надополни, но не може да се стесни ниту во една негова буква – објаснува Османи.
Ова, како што дополнува тој, значи оти преговорите продолжуваат, ама законот нема да биде предмет на менување, односно по принципот земи или остави, ќе му биде ставен на маса засега само на СДСМ.
– Преговараме дали ќе се прифати како таков или не – додава Османи.
Што се однесува до другите точки во платформата, како промената на грбот, знамето, химната, портпаролот на ДУИ вели оти тоа се прашања за кои е потребна промена на Уставот, а според платформата, за нив се предвидува отворање албанско-македонски дијалог.
– За прашањата што предвидуваат промена на Уставот платформата предвидува отворање албанско-македонски дијалог за нивно решавање, односно ги надминува партиските односи бидејќи е потребно двотретинско мнозинство – заклучува Османи.
Наспроти обидите на ДУИ за заобиколување на Уставот, пак, претседателот на „Алијансата за Албанците“, Зијадин Села, викендов порача дека неговата партија ќе предложи измена на највисокиот правен акт и тој не гледа ништо спорно во тоа.
– Прашањето за албанскиот јазик мора конечно да се реши – изјави Села.
СДСМ вчера нема одговар за последниот став на ДУИ во врска со Предлог-законот за јазикот.
ВМРО-ДПМНЕ: Нема да се прифаќа ништо што е спротивно од националните и државните интереси
Во врска со Предлог-законот за јазиците, од ВМРО-ДПМНЕ го повторија конечниот став. Доколку во иднина предлогот им биде ставен на маса, тој ќе биде разгледан, но нема да се прифаќа ништо што е спротивно од националните и државните интереси.
– Си стоиме на нашиот став во врска со сеалбанската платформа. Ќе ги разгледаме сите предлози и како што веќе нагласивме, нема да биде прифатено ништо што е спротивно на Уставот, националните и државните интереси – велат од партијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)