| четврток, 6 декември 2018 |

Прв куп-трофеј за Карпош Соколи, во финалето подобри од домаќинот Фени Индустри

karpos sokoli 1

Карпош соколи е новиот освојувач на Купот на Македонија, откако ланскиот финалист овојпат направи чекор напред, па во битката за трофејот славеше над Фени индустри со 80-69. Резултатот делува преубедливо, но Фени долго време беше и повеќе од достоен ривал, на моменти имаше и предност, но кавадарчани и покрај поддршката од трибините немаа сили да го издржат брзото темпо што го наметнаа избраниџите на тренерот Николиќ. Преморени по пеколниот дуел со МЗТ Скопје пред помалку од 24 часа, домашните играчи немаа сили за нова сензација. Додека ги служеше шутот и имаа сили за агресивна одбрана, резултатот беше неизвесен, за потоа во второто полувреме „соколите“ да блеснат, стигнат до двоцифрена предност и заслужено се радуваат на првиот трофеј во клупската историја.

Соколите“ во мечот влегоа доста мотивирани и на терен прикажаа гранитно цврста одбрана и ефикасност во нападот и рано поведоа со +9 (17-8). Во продолжение следеше вистинско шутерско шоу на Фени Индустри, кој врза четири тројки во низа, две на Магдевски и по една на Пајиќ и Петровски за пресврт од 17-20. Николиќ беше приморан да повика тајм-аут, кој помогна со оглед на тоа што до крајот на воведната четвртина неговиот тим повторно дојде до водство (21-20).

feni

Кавадарчани втората четвртина ја започнаа со серија од 0-7 и највисоко водство до тој момент од +6 (21-27), за да во продолжение Зековиќ врзе пет поени во низа и намали на само -1 (26-27). Малинков на ова реагираше со минута одмор за своите кошаркари, која добро им дојде, па така со поените на Николовски домаќините поведоа со +7 (26-33), но и тука застанаа. Карпош Соколи одговори со серија од 9-0 и направи пресврт за водство од 35-33, кое подоцна со тројката на Трајковски и поените на Лабовиќ порасна и на +5 (40-35), позитива со која се замина на паузата (42-37).

Охрабрени по фуриозниот крај на втората четвртина, „соколите“ продолжија во ист ритам и во третиот период, во кој набрзина дојдоа и до двоцифрена предност (49-39). Кавадарчани одговорија со серија од 8-0, имаа и напад за израмнување што не го искористија, по што скопскиот клуб повторно се одлепи за водство од 55-47. И повторно следеше одговор на домашниот тим, кој со тројката на Стајиќ со звукот на сирената намали на 55-52.

karpos sokoli

Последните десет минути повторно стартуваа со низа грешки на домашните кошаркари, кои многу тешко го наоѓаа патот до кошот на „соколите“. АБА-лигашот знаеше како да го искористи ова, со тројката на Мавра повторно поведе со десет поени (64-54), принудувајќи го Малинков на тајмаут. Сепак, работите не се променија, Карпош соколи продолжи да ја зголемува позитивата, па на крајот овој интересен финален натпревар заврши со убедливи единаесет поени предност (80-69).

Мавра беше најефикасен со 21 поен, шест скока и шест асистенции, Лабовиќ постигна 17, а Пери и Зековиќ по 13 поени за Карпош соколи. Најдобри поединци кај Фени индустри во ова финале беа Кире Николовски со 19 поени и Андреј Магдевски, кој го заврши мечот со 10 поени, пет асистенции и шест украдени топки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top