Андреа Пирло се враќа назад во Јувентус, објави весникот „Тутоспорт“ повикувајќи се на добро упатени извори од раководството на најтрофејниот италијански клуб. Јувентус не заборава на своите легенди, нудејќи им на сите шанса да останат дел од клубот и по завршувањето на кариерата, како што ќе биде случај и со Пирло.
Фудбалскиот генијалец во декември 2017 ќе ја заврши кариерата, по истекот на неговиот договор со Њујорк сити, a според „Тутоспорт“ тој веќе ги договорил сите детали за камбек во редовите на „старата дама“. На Пирло му е понудена улога на амбасадор во клубот од Торино, со можност за некоја година тој да му се приклучи на Павел Недвед во највисокото раководство на „старата дама“.
„Пирло поголемиот дел од кариерата го мина во Милан, но тој никогаш не го заборави она што Јуве го направи, верувајќи во него кога сите го отпишаа. Затоа, Јуве е единствениот избор за Андреа, кој ќе има 38 години кога ќе му истече актуелниот договор со Њујорк сити“ – објави „Тутоспорт“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.