Не добивме и јас не добив одговор, но доколку амбасадорот работи на нешто, верувам дека ќе ни каже во брзо време кога ќе ја има информацијата, вели Републиканскиот конгресмен од Алабама, Роберт Адерхолт во изјава за МРТ запрашан дали добиле одговор од американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли за испратеното писмо.
-Американскиот амбасадор веројатно работи на одговорите, јас го потпишав писмото заедно со уште 6 колеги бидејќи сакав да дознам нешто повеќе, добивме одредени предупредувања и се загриживме откако слушнавме каде се трошат парите. Не добивме и јас не добив одговор, но доколку амбасадорот работи на нешто, верувам дека ќе ни каже во брзо време кога ќе ја има информацијата, вели Адерхолт.
Испратеното писмо до амбасадорот имало за цел видат каква е неговата позиција за тоа и дали ќе има напредок и понатаму ќе одлучат дали треба да биде назначен инспектор или инспекција.
-Конгресменот Смит работи на овие прашања буквално низ целиот свет. Тој претседава со Хелсиншката комисија,беше многу активен и сега се разгледува од гледна точка на ОБСЕ или низ неговата улога како член на Комитетот за надворешни работи. Работевме со конгресменот Смит и ќе го следиме во однос на ова прашање за да видиме каде мисли дека треба да напредуваме во оваа истрага. Ќе пробаме да добиеме одговори, го испративме писмото до амбасадорот за да видиме каква е неговата позиција за тоа и дали ќе има напредок и понатаму ќе одлучиме дали треба да биде назначен инспектор или инспекција, вели Адерхолт.
Адерхолт додава дека Македонија има многу пријатели во САД, има 435 членови на Долниот дом и 100 членови на Сенатот и затоа постојат различни мислења од различни членови, “но јас верувам дека Македонија е држава, територијата на Македонија не треба да се зема здраво за готово бидејќи е многу важна земја во тој регион на Балканот, интегритетот на нејзините граници е таму, поголемиот дел од членовите на Конгресот ја гледаат Македонија како просперитетна земја, економскиот развој кој се случи таму во последните декади беше голем, работевме заедно со лидерите на Македонија“.
– Мислам дека поголемиот дел од членовите на Конгресот ја гледаат како земја која ја почитуваме, со која соработуваме и се надеваме на понатамошна соработка. Како што кажав Македонија има многу пријатели во американскиот Конгрес и ќе продолжи да има, но има 535 членови на Конгресот од целата земја и сигурен сум дека имаат различни мислења, но би рекол дека поголемиот дел од нив ја гледаат Македонија како земја и како просперитетна земја и се надеваат на понатамошна соработка со Македонија, заклучува Адерхолт.
Во писмото се поставуваат серија прашања до Бејли
Писмото кое конгресмените го упатиле до амбасадорот Бејли на 17 јануари, покрај од Смит, е потпишано од познатиот конгресмен од Тексас Луи Гомерт, Роберт Адерхолт, кој е долготраен поддржувач на Македонија во Конгресот, Ренди Халтгрин, Роберт Питенгер и Џед Фортенбери.
Сите потписници се републиканци блиски до администрацијата на претседателот Доналд Трамп и во писмото се поставува серија прашања за активностите на амбасадата во Скопје, за нејзината поддршка кон партијата СДСМ и за финансирањето на активностите на Сорос. Писмото на конгресмените доаѓа откако сенаторот Мајк Ли, исто така од владејачката Републиканска Партија, јавно го прозва амбасадорот Бејли преку социјалните мрежи, повикувајќи го да даде објаснување за финансирањето на проекти на фондацијата на Џорџ Сорос во Македонија.
– Високо ја цениме тесната соработка меѓу САД и Македонија во изминатите 25 години од нејзината независност. Оваа соработка овозможи САД да придонесат кон македонскиот политички и економски развој, додека Македонија соработуваше со САД и придонесуваше кон нашите надворешно-политички приоритети. Сметаме дека би било навистина деструктивно за нашите меѓусебни односи доколку во Македонија се развие чувството дека САД се мешаат во нејзинитe внатрешни политички прашања, во медиумите и граѓанското општество, на начин на кој една политичка опција се помага наспроти другата. Се надеваме дека ќе добиеме точни информации од вас најдоцна две недели по испраќањето на ова писмо. Исто така се надеваме дека ќе бидете на располагање да се сретнете со нас при вашата следна посета на Вашингтон, пишува во писмото на конгресмените упатено до амбасадорот Бејли.
Во писмото упатено до амбасадорот Бејли се вели дека до Конгресот пристигнале сериозни предупредувања за партизирање на работата на американската амбасада во Скопје. – Во контекст на нашите овластувања за вршење надзор, ви пишуваме да се информираме за улогата која американската амбасада во Македонија ја игра во македонската политика и во обликувањето на македонската медиумска средина и граѓанското општество. Се надеваме дека вашата улога не е несоодветно испартизирана. За жал, слушнавме сериозни предупредувања дека во изминатите две години, американската Мисија во САД активно се мешаше во партиските политички случувања во Македонија, како и во медиумите и граѓанскиот сектор, во насока упорно да се поддржуваат партии, медиуми и граѓански организации кои се лево од центарот, на сметка на тие што се десно од центарот. Ова вклучува загрижувачки информации дека активностите на американската амбасада оделе силно во поддршка на левичарските партии во периодот пред изборите кои требаше да се одржат на 24 април, потоа на 5 јули, за конечно да се одржат на 11 декември, како и во периодот по овие избори, во кој македонските партии преговараат за формирање на нова влада, пишува во писмото упатено од конгресмените до американската Амбасада во Скопје на 17 јануари.
Во директните прашања упатени до амбасадорот Бејли, конгресмените го прашуваат за мешањето на амбасадата на политичките случувања во Македонија. – Ве молиме, објаснете ја улогата која вие и други личности поврзани со американската Амбасада во Македонија ја одигра во преговорите кои водеа до закажувањето на парламентарните избори на 24 април 2016 година, потоа преговорите кои доведоа до нивно одложување за 5 јуни и одложувањето за 11 декември. Особено е важно да знаеме дали и како позициите кои ги застапувала амерканската Амбасада во Македонија се поклопувале или не се поклопувале со позициите на одредени македонски политички партии, пишува во писмото.
Конгресмените го прашуваат амбасадорот Бејли дали е вистина дека американската амбасада ја одбрала Фондацијата Отворено Општество Македонија, подобро позната како Фондацијата на Џорџ Сорос, да спроведува крупни проекти финансирани од страна на американската организација за развој УСАИД. – Дали ФООМ се смета за политички пристрасна организација во македонското општество? Дали е точно дека активностите на ФООМ се партизирани? Дали НВО организациите, медиумите и проектите кои ги финансира ФООМ имаат агенда која одговара на левицата во Македонија?, прашуваат конгресмените во писмото упатено до амбасадорот Бејли, кое било испратено на 17 јануари.
Во врска со американската поддршка за медиумите во Македонија, се поставува прашањето дали американски државни пари и се давале на Фондацијата на Сорос за преку неа да се финансираат лево ориентирани медиуми. Конгресмените бараат од Бејли да ги информира колку од медиумите што ги финансирала амбасадата или мисијата на УСАИД се лево, а колку се десно ориентирани, а прашуваат и дали американската амбасада влијаела да се усвојат закони со кои се ограничила слободата на изразување на медиумите и новинарите, што се случи во предизборниот период. – Дали е вистина дека американската Амбасада во Македонија промовираше медиумски регулативи со кои слободата на говорот се ограничи на начин кој не е во согласност со Првиот Амандман на американскот Устав?, прашуваат конгресмените.
Дополнително, што се однесува до финансирањето на невладините организации, конгресмените прашуваат: „Колку од невладините организации кои добиваат американски средства, вклучително и преку ФООМ, се определиле политички при изборите или при формирањето на следната македонска Влада? И чија страна ја одбрале овие организации?”.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Џес Бејли: Решавањето на спорот за името ќе придонесе за стабилноста на регионот
-
Велиновска: Го разбирам Бејли, се надева дека може да избега од пишаното
-
Вечерва официјално потврдено: Покренато обвиниение против Бејли за активностите во Македонија
-
Договорот од Пржино е добра основа за надминување на политичката криза во земјата