| четврток, 6 декември 2018 |

„Козле“ доби нов апарат за имунолошки анализи: Резултатите готови за еден час, наместо за 10 дена

Вредноста на новиот имунолошки анализатор е 2,5 милиони денари

Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“ доби нов имунолошки анализатор, со кој времето на чекање за добивање на резултат од имунолошка анализа, од 10 дена ќе се скрати на еден час. Овој апарат досега го немаше во болницата.

-Ова е исклучително позитивно и за работата на здравствениот персонал, но и за пациентите што добиваат здравствени услуги во оваа детска болница и тоа како и за пациентите што лежат во болницата, тие што се болнички овде сместени, така и за амбулантските пациенти. Ова многу ќе помогне во работата на детската болница Козле и многу ќе помогне во дијагностиката, која им е неопходна на здравствените работници за утврдување на дијагнозите и за определување на третманот или лекувањето на пациентите – истакна министерот за здравство Никола Тодоров при денешната посета на детската болница „Козле“.

todorov-640x364

Вредноста на новиот имунолошки анализатор е 2,5 милиони денари.

Тодоров нагласи дека болницата функционира во одлични инфрастуктурни услови и е една од првите болници што се акредитираше според сите стандарди за квалитет.

– Доказ за тоа се постојано зголемените бројки на пациенти и услуги кои се дадени тука. Ако во 2015 година бројот на амбулантски услуги беше околу 23.000, 2016 година се заврши со 40.000 дадени услуги, што е сериозен раст на болницата – истакна Тодоров.

За одбележување е, посочи, дека расте бројот на болнички пациенти. Нагласи дека ќе има сериозен пораст од 65 или 67 проценти, што, според него, говори за зголемената доверба на пациентите во оваа болница и за подобрените капацитети од аспект на кадар и опрема.

– Од оваа болница преку 70 проценти од докторите веќе беа на едукација во странство и тоа во еден од најсериозните центри за педијатрија во Европа, тоа е болницата „Бамбино Џезу“ во Ватикан, со што се овозможи подигнување на нивото на квалитет, знаење и вештини на докторите кои дават услуги во Детската болница „Козле“. Има доктори кои беа и во други центри во Турција, Словенија, Србија итн. со што сериозно се придонесе за подобрување на квалитетот на здравствените услуги кои се даваат во оваа здравствена установа – додаде Тодоров.

Изрази надеж дека болницата ќе продолжи да работи со исто темпо и ќе се развива постојано.

Директорот на Детската болница „Козле“, Оливер Зафировски рече дека имунолошки анализатор е нов комплетно автоматизиран апарат кој има висока сензитивност и се намалува времето на чекање на резултатите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top