Денеска со почеток од 13 часот во салата „Јасмин“ во Кавадарци ќе започнат четврфиналните натпревари од Македонскиот Куп во кошарка кој оваа година е под покровителство на Лимак.
Првиот меч меѓу Вардар и Карпош Соколи е увертира на се она што ќе се случува во текот на денот, а на пограмата се сите четвртфинални дуели.
Како што е добро познато, улогата на бранител на трофејот ја има МЗТ Скопје, кој според сите прогнози сепак би требало да има уште потешка задача отколку што тоа беше случај минатата година во Гевгелија. Токму Карпош соколи, тимот кој лани стигна до големото финале, барем на хартија важи за најтежок ривал на „металците“, но тренерот на „соколите“, Драган Николиќ, предупреди дека во купот секогаш се возможни изненадувања доколку не се биде максимално сконцентриран.
– Секој од тимовите се наоѓана само три скалила до големиот пехар, но секое од тие скалила е многу лизгаво. Мора да ни биде добра концентрацијата на играчите на теренот, да не мислиме на АБА лигата или на нешто трето туку на Купот – изјави Николиќ.
Домаќинот Фени индустри не би требало да има никакви проблеми во пресметката со Охрид, тим што во последниот период дополнително е ослабен со заминувањето на неколку кошаркари.
– Отвораме со Охрид кои имаат доста промени во својот ростер. Ова е Куп натпреварување и секој може да победи секого. Играме дома и очекувам полна сала. Со малку среќа мислам дека можеме да одиме до самиот крај – истакна капитенот на Фени индустри, Кире Николовски.
Дербито во ова четвртфинале ќе се игра во 18 часот, кога силите ќе ги одмерат Работнички и Куманово. Овие два тима се сретнаа и во ланското четвртфинале во Гевгелија, кога поуспешни беа кумановци, чии шанси за успех се зголемени по повредата на главниот плејмејкер на Работнички, Владо Илиевски.
– Се подготвувавме за овој турнир, а посебно внимание обрнавме на тактиката и на одбраната. По мене оваа екипа има доста квалитет и по мене мислам дека тој што ќе покаже поголема борбеност на теренот ќе победи – прокоментира Марјан Јанески од редовите на Куманово.
Бранителот на трофејот, МЗТ Скопје, на стартот од овој турнир ќе се сретне со Кожув, екипа што игра одлично во последно време.
– Чест ми е што сме дел од Купот. Ждрепката е таква каква што е, ние имаме голем респект за МЗТ Скопје, но ние ќе излеземе на терен и се надевам дека ќе бидеме најдобри што можеме – истакна Апостоли Апостолов, капитен на Кожув.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ
Карпош соколи – Вардар 13.00 часот
Фени индустри – Охрид 15.30 часот
Работнички – Куманово 18.00 часот
МЗТ Скопје – Кожув 20.30 часот
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Митко Јанчев: Јас слушам „Металика“, не беше мој избор да пее Цеца во Кавадарци
-
Зоран Заев во Кавадарци: Грозјето не е од татко ми или дедо ми, мора да се цени трудот на лозарите
-
Кавадарци ќе добие унифицирани такси возила
-
Македонија ќе победи: Мисајловски, Јанушев и Трајановски го придружуваа Мицкоски на чело на поворката во Кавадарци (фото)