| четврток, 6 декември 2018 |

Тони Цетински и Владо Георгиев в сабота на целовечерен заеднички концерт во Скопје

Хрватската музичка ѕвезда Тони Цетински и црногорскиот шармер Владо Георгиев за првпат во кариерата ќе ги здружат силите и талентот на заеднички концерт што ќе се одржи во сабота во Скопје.

Најголемите балкански музички ѕвезди ќе ѝ овозможат на македонската публика повеќе од 4 часа да ја слави љубовта со нивните многубројни хитови. Бидејќи се одржува само неколку дена по празникот Св.Валентин, концертот ќе биде посветен на сите вљубени, на сите што очекуваат да им се случи љубов, како и на сите оние што едноставно сакаат да уживаат во квалитетна музика која се слуша низ целиот Балкан.

– Месецот кога се слават љубовта и виното, ние го посветуваме на убавата музика. Во Скопје заедно доаѓаат двете најголеми регионални музички ѕвезди во моментов и горди сме што имаме можност да поддржиме ваков настан, со две звучни имиња кои никогаш не настапиле заедно. Несомнено сите присутни ќе уживаат во уникатната можност да ги слушаат во живо талентираните музичари кои се омилени на Балканот,  велат покровителите.

И Цетински и Георгиев досега одржувале концерти во Македонија, но ова е првпат да настапат заедно. Македонската публика ќе ја израдуваат со микс од најубавите љубовни песни, но присутните ќе може да се потсетат и на другите нивни хитови кои се многу популарни на просторот на поранешна Југославија.

Концертот ќе се одржи во арената „Борис Трајковски“, а влезниците за уникатното музичко доживување може да се набават преку продажните места на „Купи карти за се“. Организатор на концерот е „Прагма“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top