| четврток, 6 декември 2018 |

Свечен собир во ДПМ по повод 70-годишниот јубилеј

Традиционалните награди за најуспешни книжевни остварувања, Друштвото на писателите на Македонија, ќе ги врачи денеска  на свечениот собир по повод јубилејот 70-години од формирањето на македонската писателска асоцијација.

Добитници на признанијата се: Гордана Михаилова Бошнакоска на наградата „Ацо Шопов“, за поезија, Лилјана Пандева, на наградата „Стале Попов“, за проза, Кристина Николовска на наградата „Димитар Митрев“, за критика, и  Александар Поповски на наградата „Ванчо Николески“ за најуспешна книга за деца.

Признанијата ќе ги врачат претседателите на жири комисиите: Виолета Танчева Златева, Наташа Аврамовска, Маја Јакимовска Тошиќ и Стојан Тарапуза.

На свечениот собир реч за седумдеценискиот развој на ДПМ ќе има претседателот на македонската писателска асоцијација Веле Смилевски.

По повод јубилејот од формирањето на Друштвото на писателите на Македонија, Трифун Костовски донираше 100.000 денари. Во знак на благодарност, на Трифун Костовски, чија фондација при МАНУ со години е редок пример на вложувања во областа на науката и уметноста, ќе му биде предадена Повелба на ДПМ за осведочен поттикнувач на  вредностите во културата и поклоник на големото дело на Блаже Конески, првиот претседател на македонската писателска асоцијација.

Свечениот собир ќе биде збогатен со музички нумери на гудачкото дуо Пламенка Трајковска. Програмата ќе ја води Александра Велинова.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top