| четврток, 6 декември 2018 |

МЗТ Скопје внимателен: Во Купот не победуваат секогаш фаворитите

Се е подготвено за стартот на завршниот турнир во Купот на Македонија, што од 17 до 19 февруари ќе се одржи во салата „Јасмин“ во Кавадарци. На самиот почеток од денешната прес-конференција претседателот на МКФ, Петар Наумоски, му го врачи пехарот на капитенот на МЗТ Скопје, Марко Симоновски, трофеј што останува во трајна сопственост на „металците“.

Бранителот на трофејот на стартот на завршниот турнир, в четврток ќе се сретне со Кожув, а „металците“ не кријат дека нивна цел е да се стигне до нов пехар во ова натпреварување.

– Купот е едно специфично натпреварување во кое фаворитите не победуваат секогаш. Затоа, мојата екипа мора да останат максимално фокусирани и подготвени бидејќи првиот меч може да донесе одредени „замки“. Одиме натпревар по натпревар, не размислуваме за ништо друго освен за Кожув, тоа е квалитетна екипа што може да игра против секој противник. Што се однесува до Купот како завршен турнир, очекувам популаризација и полна сала – изјави тренерот Анте Назор.

Капитенот Симоновски е свесен за значењето на претстојниот турнир од Купот на Македонија.

– Добро знаеме од колкаво значење за нас е Купот, исто така ги знаеме и противниците кои не очекуват. Добро се подготвуваме, ги анализираме сите противници, најважно од се е да го дадеме максимумот и верувам дека на крајот ќе се радуваме – истакна Симоновски

mzt skopje

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top