| четврток, 6 декември 2018 |

Проклетството на Гутман продолжи, Бенфика загуби уште еден трофеј на чудесен начин

Проклетството на унгарскиот тренер Гутман од 60-тите години на минатиот век сѐ уште ја прогонува Бенфика, а тимот од Лисабон загуби уште еден трофеј со голови во самиот финиш. Виторија Гимареш ги победи во финалето на португалскиот куп со 2-1, со пресврт и погодоци во 79. и во 81. минута. Бенфика навистина има сезона за заборав, а играчите и симпатизерите се во очај, по трите дебакли што им се случија во клучните дуели сезонава.

Најпрво примија гол во четвртата минута од сусдиското продолжение во директниот дуел со Порто и ја загубија титулата во португалското првенство, а потоа следеа уште два дебакли.

Во финалето на Лигата на Европа, Бранислав Ивановиќ од Челси им даде гол во последните моменти, за триумф на тимот од Лондон од 2-1, што значеше дека уште една значајна титула не стаса во Лисабон, во витрините на Бенфика.

И кога се чинеше дека им доаѓа крај на малерите, се случи уште еден катастрофален пораз на популарните „орли“. Во финалето на португалскиот куп, тие водеа со 1-0 со голот на Гаитан во 30. минута, до 80. минута го контролираа мечот против аутсајдерот Виторија Гимареш, но потоа одново на чудесен начин си заминаа со празни раце. Судани и Переира ја затресоа мрежата на Бенфика во период од 120 секунди од 80. до 82. минута, што донесе ново разочарување кај некогашниот европски шампион од Лисабон. Неверојатна низа на порази во клучните натпревари за сезона без трофеј иако се насмевнуваа дури три пехари.

И по вчерашното финале повторно се актуализира приказната за проклетството на Гутман иако не е директно поврзано со игрите и трофеите на Бенфика на домашната сцена.

Неверојатната сторија за унгарскиот тренер Гутман, датира од почетокот на 60-тите години на минатиот век. На двапати со него на кормилото, Бенфика беше европски првак, во 1961 година и следната сезона, а проклетството датира оттогаш. Имено, Гутман барал скромно зголемување на платата, но претседателот на клубот дрско го одбил. Разочаран од односот кон него, Гутман тогаш ја изговорил реченицата, што и ден-денес ги мачи симпатизерите на популарните „орли“ од Лисабон.

„Во следните 100 години Бенфика нема да освои европски трофеј“, рекол Гутман и си заминал. И оттогаш поминаа цели 50 години, а португалскиот клуб загуби пет финалиња во Купот на шампионите, сега преименуван во Лига на шампионите, еден Куп на УЕФА и едно финале во Лигата на Европа.

Проклетството на Гутман, некако засилено лебди над Бенфика и на домашната сцена, па со два порази во финишот на мечевите, загубени се два вредни трофеи во Португалија сезонава. Инаку, Унгарецот предводеше блескава генерација на Бенфика, а тој го „откри“ и Еузебио, една од најголемите фудбалски икони на сите времиња.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top