Велат дека најдобриот и најкус опис на поимот интелектуалец е дека тоа е човек што секогаш користи повеќе зборови од што е потребно, повеќето неразбирливи, за да го објасни токму тоа што не го разбира. А што бива со македонските интелектуалци, особено тие што толку страсно милуваат да се самонаречат така? Да, истите тие 23 лица, кои љубат да пишуваат писма. Настрана што сѐ изнапишале во одбрана на амбасадорите, небаре некој кажа некаква невистина за нивното безобразно и еднострано дејствување во државата, настрана и што сите се „интелектуалци“, но едно е сигурно. Дефинитивно, користеле премногу зборови. Можеле, едноставно, да напишат: „Аман, држете, не давајте. Не даваме да ни ги чепкаат спонзорите, отворени сме четири прсти, ќе кодошиме, ќе работиме и натаму против Македонија. Проверено е! Само не секнувајте ги грантовите и помошта за нас и за нашите СДСМ и Беса. Аман!“ Верувам, дека овие триесетина зборови многу повеќе и подобро ја кажуваат намерата на овие 23 полтрони, кои застанаа на „браникот на амбасадорите“. На татковината не би ни можеле затоа што не им прилега, а не е ни толку исплатливо, нели. Вистина е дека се изнапишувале демагогии и глупости во писмото, кое во секоја друга држава би било причина за доживотен потсмев, но тие настапија гордо во сопствената лакрдија. Горда антимакедонска, но проамбасадорска гарда. Настрана, некој требаше да им каже дека често во животот е подобро да молчиш и да дозволиш да те сметаат за будала, отколку да проговориш и да ги тргнеш сите сомнежи. А тие саглам си се отворија во писмото…
Следува уште пополтронско писание до амбасадорите?
Уште побитно прашање во целата трагикомедија на самонаречените „интелектуалци“ е чуму само дваесет и тројца? Па секој нормален и троа подобро упатен во прикаската на засегнатите и вљубени во епистоларни одбранбено-амбасадорски преписки ќе ви каже дека ова е вистинска срамота. Не, не мислиме на полтронската и бедно срочена содржина, тоа се гледа од авион. Срамота е што само 23 лица се потпишале на писанието. Бедотија од бројка. Навистина, арам да им е на другите стотици долгогодишни корисници на парите на Сорос, УСАИД, но и на германска, шведска, данска, холандска, британска, француска, норвешка и каква ли не амбасада.Чуму истите тие што изградија кариера, настрана хациенди и ред други подвижни и неподвижни лезети, сега го одбегнаа задолжителното и подразбирливо присуство на оваа срамна листа?! Ајде и „интелектуалците“ настрана, но меѓу потпишаните се најде само еден новинар, а и тој никој не го познава? Што бидна со стотиците други „професионалци“, кои со децении ги молзат овие високомлечни странски крави? Или таа плејада соросоидни ликови, кои секоја вечер беседат на везден истите медиуми, зошто и ним им беше скратена честа. Од десетта страна, на писанието се најдоа 14 Албанци и 9 Македонци. Иако за овие вторите националноста и не е толку сигурна, но на што се должи овој реален бојкот на недоветните вљубеници во делото на Бејли, Жбогар, Алтхаузер, Стефансон и на другите донатори? Најверојатно, другите не ни стасале да се потпишат токму поради наведените колеги. Со зголемување на бројката, би се намалило значењето на парафот на потпишаните. Вака, избрзале поради кратење на „конкуренцијата“, која со душа и срце сакала, но не успеала да се потпише. Писмото, едноставно, заминало. Така, сега се само 23 одбрани, со фантастични предиспозиции за следните грантови и проекти. Вратите на амбасадите им се ширум отворени, за „век и веков“. Одлична инвестиција, настрана, можете само да замислите колку сега ги мразат другите недоветни вљубеници во амбасадорските придобивки. Но ова нема вака да заврши, сите тие други стотици „интелектуалци“, професори, новинари, аналитичари и ред други нема да се предадат толку лесно. Во прашање се милиони. Евра, долари, франци. Во очекување сме на ново, уште „посилно“ и дузина пати пополтронско писмо од лутата и измамена конкуренција…
Симултаниот крик на „интелектуалците“ и на невладините чеда возљубени во Сорос
Очајниот крик на „интелектуалците“ го засени уште погласниот плач на „невладините“. Не бадијала, и двете групации се во наводници. Таму се повеќе од заслужено. Првите, кои се десеткратно повеќе од потпишаните на писанието, би требало да бидат во постојана одбрана на некаков систем на вредности. Барем, така е во теоријата на интелектуализмот. Овие нашите во наводници, се во одбрана само на Соросовите вредности, кои, реално, не би ни можеле да се наречат така. Исплатливоста на протежирањето на нечија идеологија, макар и посрана, создаде уникатни „интелектуални“ чеда во државата, ред стерилни дилетанти, кои се „шлепуваат“ преку своето знаење – не да создаваат, туку да ги препакуваат работите добиени од страна. Нафатирани извршители на задача, макар и странска. Да,овие класични опортунисти и општествени крлежи одлично егзистираат од својот „труд“. А добро наплатениот ангажман е само една од нишките што ги спојуваат со „невладините“, сличен вид крлежи (дел здодевни како болви, хибрид болвокрлеж), кои освен опортунизмот, се корисници на истите донатори, но и се водени од идентична премиса, идеологија и цел. Не случајно, дел од овие „интелектуалци“ се на чело на најизвиканите Соросови НВО во Македонија. Прекрасно си се надополнуваат, а веројатно, овде им помага и генетиката. Штетник со штетник, очигледно, добро се разбира.
По очајот на „интелектуалците“ следуваше толку очекуваниот плач на „невладините“ или, подобро кажано, антивладините, кои координирано и толку соросоидно скроено залелелкаа против „Стоп операција Сорос“. Разбирливо и оправдано. Па СОС застана пред нивниот баснословен сеф, го нападна дарежливиот психопат и мецена, се закани дека ќе ги секне сите тие прекрасни, толку слатки долари.
Очекувана реакција од Македончињата, кои се надеваа дека преку своите филијали со квазиидеологијата ќе метастазираат во целото општество, чин што солено го наплатија. А како поинаку, освен со закана за тужби да ја бранат својата штетничка егзистенција? Никој од нив и не очекуваше фер-плеј. Да, не требало да биде „Метаморфозис“, „Метастазис“ подобро им прилега. А ако мислеа дека нивните глупости ќе траат до недоглед и дека никој нормален никогаш нема да се осмели да застане на патот на небулозната пропаганда и проѕирни идиотштини, заземање страна и јасна цел за уривање на еден поредок, очигледно, не сфатиле многу работи. Си живееле во сказна. Не од Грим или Андерсен, Соросова, се разбира. Арно ама, како секоја сказна, и нивната има сериозна утка. Размислете. Ако чевличето на Пепелашка толку совршено ѝ одговарало, тогаш зошто ѝ паднало?
Каракамишева-Јовановска: Срам преку лаги, извртувања и полувистини
Писмото потпишано од една мала група македонски професори и самонаречени интелектуалци е, во најблага форма кажано, срам за македонската интелектуална и универзитетска мисла, вели проф. д-р Тања Каракамишева – Јовановска од Правниот факултет во Скопје, според која тоа изобилува со многу неточни информации и класични извртувања на вистината, кои се веднаш видливи. Јасно е како бел ден кој го излобирал ова писмо и кој стои зад него, исто како и видливоста на политичките интереси на СДСМ да ги дискредитираат по милионити пат ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, ама сега преку „независните“ интелектуалци.
Каракамишева-Јовановска: Невкусно е и безобразно од интелектуалци да се обраќаат со директна поддршка на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ преку пласирање лажни информации, извртувања и полувистини. Трагично е македонски интелектуалци да спаднат толку ниско за да кажуваат лаги и измислици за политичката состојба во РМ поради некои свои лукративни или кариеристички интереси и побуди. Уште посрамно е за годините што ги носат и за титулите со кои се перчат да фабрикуваат такви дискредитирачки информации насочени исклучително против една личност, Никола Груевски и неговите најблиски соработници. Лажните информации содржани во писмото личат на класичните удбашки етикетирања познати од времето на социјализмот. На јавноста ѝ е познато дека добар дел од потпишаните се во тесни врски со удбашките структури во земјата и во Србија, така што мотивот да го нападнат лично Груевски пред странските дипломати и пред европските и американските институции е повеќе од очигледен и лукративен. Многу добро се сеќаваме како до вчера дел од потпишаните професори му се додворуваа на Груевски во секоја можна пригода, како молеа пред неговиот кабинет со часови, како работеа на негови проекти без ниту еден напишан збор ама за дебели хонорари, како се лигавеа дека тој е единствениот политичар-реформатор во РМ и дека само тој е способен политичар во земјата, како му се пикаа во секоја можна пригода да бидат поблиску до него, како му се додворуваа на секаков можен начин, дури и на штета на професијата, за сега, наеднаш, сите тие познати митаџии, познати криминалци и луѓе со образ-ѓон да застанат на стартна линија за канонаден напад против Груевски. Срамота.
Во писмото, токму оваа одбрана група митаџии се повикува на одбрана на принципите на парламентарната демократија во нашата држава, кои замислете, „постепено во 11-годишното владеење на Груевски прерасна во автократски режим на хибриден политички систем“. Срам. Професори што немаат поим дека „политички режим“ и „политички систем“, е, всушност, едно исто, два поима со исто значење. Срам за професори и за интелектуалци, кои немаат поим што зборуваат и што пишуваат. Мислат дека ако кажат авторитарен режим на хибриден политички систем дека кажале голема дума. Вистината е дека кажале едно големо ништо. Измешале принципи на парламентарна демократија со режим со систем и на крај се посрамиле пред целата македонска и меѓународна јавност за сите пари, што во изминатите 11 години ги зеле токму од Груевски. Рани куче да те лае.
Понатаму, во писмото велат „идилата на 11-годишното владеење во континуитет на ВМРО-ДПМНЕ беше разоткриена во 2016 година, кога беа откриени големи скандали на неовластено прислушување од страна на МВР на сите тие што размислуваа поинаку“. Бреј. Не случајно, туку потсвесно овие интелектуалци и професори зборуваат за идилата на 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ кога најголем дел од нив клечеа пред кабинетот на Груевски и се нудеа за разни функции. Ајде да потсетиме дека токму проф. Кекеновски му се нудеше на Груевски да биде претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на претходните претседателски избори. Значи да биде кандидат од партијата што сега ја нарекува мафијашка. Демек, тогаш кога Кекеновски се нудеше да биде кандидат за претседател на РМ не била мафијашка, а сега наеднаш стана мафијашка и криминална. Што е многу, многу е.
Да не ги отвораме досиејата на другите „душегрижници“.Може да се напише цел ферман. Криминал до криминал. Дел од потпишаните на писмото се и професори по право, кои би морале да знаат дека неовластеното прислушување кое, како што велат, се случувало во МВР кон тие што размислувале поинаку, мора и да го докажат. Дали имаат увид во некои други материјали, кои јавноста не ги знае, дали имаат увид во нешто што ниту СЈО, наводно, го нема, треба сериозно да се истражи и оцени. Дали овие лица имаат увид во некоја поголема колекција од нелегално снимени разговори за кои јавноста знае дека е сѐ уште во рацете на Заев?
Од каде имаат информации дека други луѓе, кои мислеле поинаку од власта, биле прислушувани од власта!? Потоа, како можат како правници да се потпишат на писмо во кое се тврди дека во прислушуваните материјали биле откриени финансиски скандали, изнудувања пари, уцени и сл. кога во Законот за кривичната постапка јасно стои дека незаконски собраните информации не можат да послужат како легални докази во постапката. Слушнале ли тие воопшто за пресумпција на невиност, за законитост на докази и за многу други начела врз кои е заснована кривичната постапка или само на хартија се професори по право. Врв на срамот е констатацијата наведена во писмото дека од тој момент кога се објавиле „бомбите“ Македонија се соочила со проблеми од криминална природа, а не со идеолошки судир. Од тој момент, замислете, Македонија се соочила со „битка за владеење на правото и за спроведување кривична одговорност на криминализирани политичари“. Ниту еден збор за нивниот миленик, сега од другата страна, вистинскиот криминалец-политичар што го штитат со сета сила, ниту збор за тоа какво владеење на право има во земја во која Заев се ослободува од гонење со акт на СЈО, преку погазување на сите претходни дејства преземени од судот, и со грубо газење на сите докази што инфлагранти докажуваат криминал кај нивниот партнер и кај нивните удбашки пријателчиња. Величањето на противуставното СЈО во системот, неодговорното навивање во корист на СЈО е дополнителен срам за професорите правници потпишани во писмото. Да се величи орган што е срам за правната професија значи да си на исто срамно ниво на знаење како и јавните обвинители во тој противуставен орган. Набедувањето и лажното информирање во писмото дека ВМРО-ДПМНЕ отворило војна против амбасадорите на земјите-членки на ЕУ и на САД е грдо извртување, кое не прилега да биде изнесено во отворено писмо од професори и од интелектуалци. Немешање во внатрешните работи на независна Република Македонија од никого, а најмалку на амбасадори на туѓи држави, чијшто мандат е јасно дефиниран во Виенската конвенција за дипломатски работи, е јасна порака и сигнал на партијата што е на власт дека нема да дозволи Македонија да стане место каде што секој ќе свири така како што сака и по ноти што ги одбрал, и дека тоа е недозволиво и нема да се толерира. Таквото мешање, таквото неповикано вршење работи за сметка на друг, е грубо кршење на сите дипломатски протоколи, кршење на принципите на меѓународното право и политика и директна повреда на Уставот на РМ.
Понатаму, во писмото стои дека овие напади кон амбасадорите биле со цел да се „маскира досегашната практика на владеење со корупција и со целосна приватизација!?“. Гледај кој зборува за целосната приватизација на државата, па половина од потпишаните на директен или индиректен начин беа вклучени во најмрачните процеси на македонската приватизација направена некогаш, или како експерти или како консултанти. Дозволија да се ограби целиот општествен имот на државата со цел да се стави во рацете на неколкумина олигарси – нивни пријатели, кои потоа дебело ги наградија за таквата услуга. И сега тие луѓе имаат образ да зборуваат за правда, за право и за лицето на другиот? Најгнасното извртување содржано во писмото е извртувањето на вистината за средбата меѓу Груевски и рускиот амбасадор со директна импутација дека Груевски и неговата партија се проруски настроени. Констатацијата дека „финиот начин на комуникација и префинетиот дипломатски речник на Груевски со рускиот амбасадор“ овие големи и учени професори ја извлекле од нивното сознание дека Груевски ја води Македонија во прегратките на Русија.
Да резимирам. Целово писмо е доказ дека хартијата трпи сѐ. По неговото читање, најверојатно, и амбасадорите си рекле „аман, ве молам, доста нѐ браневте. Ова е премногу дури и за нашиот стомак“.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 232. број на неделникот „Република“, 10.2.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.