| четврток, 6 декември 2018 |

Шведскиот стучњак Ласло Табар: Мамографијата треба да се користи со цел рано откривање на ракот на дојка

Мамографијата е алатка која треба да се користи со цел рано откривање на ракот на дојка и со тоа навреме да се интервенира за да се спаси животот на жената, смета шведскиот професор Ласло Табар, кој денеска во Скопје има предавање пред околу 90 претставници од медицината од Македонија и регионот.

Според него, во повеќе меѓународни студии е потврдено дека со скринингот се намалува смртноста кај жените и важно е тој да се користи за болеста да се открие уште во раната фаза и третманот да биде успешен.

– Од почетокот на скрининг програмата во Шведска беа повикувани жени меѓу 40 и 74 години во интервал од две години. Во студиите се заклучи дека е намалена смртноста до 40 проценти, а денес со новата технологија и со намалувањето на интервалот меѓу мамографиите на една година, смртноста од рак на дојка е намалена на 50 проценти – изјави Табар.

Во однос на Македонија, Табар смета дека државата се движи во вистински правец, но она што е важно, според него, е едукацијата на медицинскиот кадар од една страна, односно како да се препознае карциномот уште во раната фаза и од друга страна едукацијата на жените кои треба да се информираат за оваа болест.

Доктор Светлана Темелковска, која е национален координатор на програмата за скрининг во Македонија соопшти дека за година и пол биле повикани 60 илјади жени на бесплатен скрининг, но од нив 20.000 се јавиле, а кај 28 е откриен рак на дојка.

– Задоволни сме досега од одѕивот. Од тие 20 илјади жени, 20 проценти беа повикани на дополнителни прегледи. Тоа за почеток е одлична бројка според стандардите што ги има во светот. Целта е да стигнеме до праг на повикување на два отсто, а тоа може да се постигне на еден начин – ја имаме апаратурата, а сега останува на нас, радиолозите, да бидеме едуцирани и да го најдеме карциномот навреме. Мислам дека сме на добар пат, истакна доктор Темелковска.

Мамографијата е откриена во 1977 година. На почетокот во осум меѓународни студии било потврдено дека со скринингот се намалува смртноста кај жените.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top