| четврток, 6 декември 2018 |

Со „Џанго“ се отвора 67. издание на Берлински филмски фестивал

Со „Џанго“, дебиттантското остварување на францускиот режисер Етјен Комар, се отвора Меѓународниот филмски фестивал во Берлин кој ќе трае во следните десет дена. Завесата на Берлинаре се спушта на 19 февруари.

За престижната награда „Златна мечка” и петте „Сребрени мечка” се натпреваруваат 18 филма, најмногу од Европа, но има и дела од Кина, Бразил, Јапонија и Чиле. Меѓу главните претенденти за наградите се финскиот режисер Аки Каурисмаки, Американецот Орен Муверман и Британката Сали Потер.

Претседател на жирито на Берлиналето ќе биде холандскиот режисер Пол Верховен, најпознат по својата еротска трилер класика „Основен инстинкт”.

Вон натпреварувачката програма, меѓу останатите, ќе бидат прикажани „Последниот портрет”, под режисерската палка на Стенли Тучи, потоа „Акушерка” на Мартен Провост со Катрин Денев во главната улога, „Треинспотинг 2″ на Дени Бојл и „Куќата на ренегатот” на Ѓуриндер Чадха.

Италијанската модна дизајнерка Милена Канонеро ќе ја добие почесната награда за придонес во развојот на кинематографијата. Специјална награда „Берлинале камера” пак ќе им биде врачена на кинескaтa продуцентка Нансун Ши, на австралискиот актер Џефри Раш, како и на филмскиот критичар и писател од Египет, Самир Фарид.

На црвениот тепих ќе ги видиме и Ричард Гир, Итан Хок, Пенелопе Круз, Хју Џекман и Роберт Патинсон.

Македонија, исто така, на некој начин ќе има свој претставник на фестивалот, а тоа е филмот во српско-бугарско-македонска копродукција „Реквием за госпоѓа Ј.”, по сценарио и режија на Бојан Булетиќ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top