
Дефинитивно една од најубавите приказни во Серија А оваа сезона е онаа на нашиот голгетер, Илија Несторовски, кој блеска во дресот на Палермо. Македонецот за само неколку месеци стана прв играч на сицилијанскиот тим, со што ги собра сите симпатии кај фановите на овој калчолигаш, како и вниманието кај спортските новинари во Италија.
– Знаеме дека рецептот за опстанок во лигата е да продолжиме напорно и обединето да работиме. Се надевам дека и следната година навивачите ќе нè следат во Серија А. Целосно сум задоволен во Палермо и сакам да останам тука – вели Несторовски за реномираниот италијански медиум „Газета дело спорт“.
Во продолжение „Несто-гол“ зборуваше за неговата споредба со легендата на италијанскиот фудбал, Пипо Инзаги.
– Пипо е икона на италијанскиот фудбал и идол на голем број на фудбалери. Ќе бидам задоволен доколку постигнам и половина од тоа што го има направено тој во фудбалот. И за такво нешто ќе ми треба многу труд, добри игри и голови – додаде Македонецот.
На крај упати пофални зборови за капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев:

– Горан е „златното“ момче на македонскиот фудбал. Голем е вистински професионалец и од него може многу да се научи. Остави траен белег во Серија А, и на светската сцена. Одлични пријатели сме и верувам дека со него оваа генерација на фудбалери можат да и донесат многу радост на Македонија со добри резултати на нашата репрезентација – заврши Несторовски.
Одличните игри на Илија веќе се скенирани од страна на голем број италијански прволигаши, но претседателот Зампарини пред извесен период им испрати порака до истите дека не ни помислува да се ослободи од Несторовски за сума помала од 15 милиони евра. Само за споредба македонскиот репрезентативец во Палермо пристигна ова лето од тимот на Интер Запрешич за трансфер вреден од само 500.000 евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


