Капитенот на нашата ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, во интервју за хрватските медиуми открива детали за селекторот Червар, Барселона и за својата иднина. Најдобриот стрелец на последното Светско првенство во Франција смета дека селекторот Червар е на вистинскиот пат за создавање тим за следната деценија.
– Лино беше најтрофејниот тренер на Светското првенство во Франција. Чест ни е што на клупата имаме толку големо име. Го познавам Червар долго време и ме фасцинира неговата систематска работа и упорност. Искрено не очекував некои големи резултати на почетокот бидејќи негова цел во моментот е да направи база за следната деценија. Ако се пласираме на ЕП 2018, тогаш ќе очекувам многу подобри резултати. Македонија го сака ракометот и наша должност е да се стремиме кон успех – изјави Лазаров.
Во продолжение Лазаров изјави дека на клупски план секогаш цел му е освојување на титулите, како во Шпанија така и во Европа.
– Лигата на шампионите секоја година е посилна и посилна. Има многу силни екипи, кои секоја година се постабилни, како на играчки, така и на финансиски план. Но, засега ние одиме по планот, добро стоиме во групата и се надевам дека така и ќе продолжиме. Наша цел е Келн и секоја загубена титула за Барселона, во превод значи слаба сезона – рече Лазаров.
На крајот Лазаров потврди дека има доволен мотив за да настапува на врвно ниво уште многу години и години.
– Уживам во спортот и ракометот, ништо не ми е тешко кога е во прашање ракометот. Ниту да тренирам ниту да патувам. Мојот живот е ракометот, го работам она што најмногу го сакам. Имам уште неколку цели во главата, кои сакам да ги остварам како играч. Ќе работам на тоа и со добро здравје се надевам дека и ќе ги остварам – заврши Лазаров.
Оваа недела капитенот на нашата репрезентација го очекува мечот од АСОБАЛ лигата против Гвадалахара и гостувањето кај неговиот поранешен клуб Веспрем.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.