| четврток, 6 декември 2018 |

Заврши средбата меѓу претставниците на СДСМ и ДУИ

Претставниците на СДСМ, Радмила Шекеринска, Рената Дескоска и Оливер Спасовски денеска одржаа средба во хотелот „Холидеј ин“ со потпретседателите на ДУИ, Теута Арифи, Изет Меџити и Невзат Бејта.

Потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска изјави дека оваа средба е прва меѓу СДСМ и ДУИ и оти разговарале за излез од ситуацијата која, како што рече, ја наметнал претседателот Ѓорге Иванов во врска со формирањето на новата влада.

– Сметаме дека овие средби и разговори ќе продолжат, дискусиите се водат во двете политички партии, но целта ни е заедничка. Македонија да излезе од оваа политичка криза, час поскоро да добие влада која ќе се посвети на реформите, на подобар живот за сите граѓани на Република Македонија и шанса за сите да обезбедат вистинска егзистенција во рамки на својата татковина. На сите овие теми ќе дискутираме следниот пат, рече Шекеринска.

Одговарајќи на новинарско прашање, Шекеринска рече дека внатрепартиските консултации ќе ги почнат уште вечерва. – Според информациите кои ги добивме и ДУИ релативно брзо ќе дискутираат на таа тема, додаде таа.

Потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи изјави дека имале конструктивни разговори и оти последниот збор го има Претседателството на партијата.

– На маса ги ставивме истите барања како и претходно. Конечната одлука ја носи Претседателството на ДУИ, рече Арифи.

Преговорите меѓу ДУИ и СДСМ доаѓаат откако претседателот Ѓорге Иванов во четвртокот по средбата со лидерите на парламентарните партии побара од новиот мандатар за состав на нова влада да му достави доказ дека има поддршка од 61 пратеник. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top