| четврток, 6 декември 2018 |

Врачена наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема на Зоран Пејковски

- Идејата за пишување поема ми се јави додека го работев драмскиот текст посветен на Прличев, што ќе биде објавен идната година на 125-годишнината од неговата смрт. Оттогаш како да го почувствував неговиот дух, кој како да ми велеше да напишам уште нешто за македонската вистина. „Макеоднски нов и стар завет“ е всушност целата македонска вистина од антиката до денес, изјави тој

На авторот Зоран Пејковски во Охрид му беше врачена наградата „Григор Прличев“ за поемата „Македонски нов и стар завет“ што стручното жири ја избра за најдобра на конкурсот што секоја година се распишува во знак на почит кон ликот и делото на Григор Прличев, најпознатиот охридски поет и преродбеник.

За лауреатот Пејковски учествувањето на конкурсот посветен на македонскиот Хомер претставува предизвик што бара голема храброст од самиот автор, особено доколку се имаат предвид високите поетски норми што при создавањето на своите дела ги наметна Прличев во европски и светски рамки, воден од максимата „совршенство или смрт“.

– Идејата за пишување поема ми се јави додека го работев драмскиот текст посветен на Прличев, што ќе биде објавен идната година на 125-годишнината од неговата смрт. Оттогаш како да го почувствував неговиот дух, кој како да ми велеше да напишам уште нешто за македонската вистина. „Макеоднски нов и стар завет“ е всушност целата македонска вистина од антиката до денес, изјави тој.

Трајче Кацаров, претсеадател на стручното жири, за авторите што творат преку пишаниот збор рече дека градат споменици на литературата и на државата во која суштествуваат.

– Поемата „Македонски стар и нов завет“ има инидкативен и мошне обврзувачки наслов, да се најде парабола со она што претставуваат митовите, легендите и приказните во Стариот и Новиот завет. Она што се одважил авторот е да ја доближи македонската историја до сите легенди и приказни, до она што како непобитна вистина ја носи во себе Библијата. Тоа е она што и авторот го нагонува на одмерена, прецизна и строга реч, тоа истото го тера читателот со особена почит да приоѓа кон делото, рече тој.

Врачувањето на наградата на лауреатот Пејковски се одржува во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“ со која се одбележува годишнината од смртта на Григор Прличев. Чествувањата продолжуваат утре со повеќе активности, меѓу кои „Прличева визита“, книжевен портрет на Јовица Тасевски – Етернијан, како и промоција на адаптираното издание на прличевата „Автобиографија“ на Славе Ѓорѓо Димоски.

Утре ќе се одржи и панихида на гробот на Прличев, ќе биде поставен ловоров венец пред неговиот споменик во центарот на Охрид, како и повеќе пригодни приредби на културно-образовните институции од градот што го носат неговото име.

Манифестацијата „Прличеви беседи“ е востановена пред речиси шест децении, како одбележување на годишнината од смртта на големиот поет кој почина на 4 февруари пред 124 години. Прличев пред век и половина беше овенчан со Ловоров венец во Атина за неговата поема „Сердарот“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top