Единицата за недозволена трговија со дрога при СВР Скопје во два одделни случаи поднесе кривична пријава против И.С. (25) и Б.И. (24), двајцата од Скопје, поради постоење основано сомнение дека сториле две кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”.
За сторените кривични дела, информира МВР, од страна на судија на претходна постапка, на двајцата пријавени им е одредена мерка притвор во траење од по 30 дена.
– Во првиот случај, пријавениот И.С. во текот на декември минатата година, од засега непознати лица набавил поголема количина на марихуана и амфетамин, кои во текот на минатиот месец во својот дом во населбата Ѓорче Петров ги препакувал во помали паковки со намера да ги продава на уживатели од Скопје. По добиеното и потврдено сознание дека пријавениот препакуваната дрога почнал да ја продава на уживатели од Скопје, од страна на полициски службеници од Единицата за недозволена трговија, со наредба од судија на претходна постапка, е извршен претрес во домот и другите простории на пријавениот. При извршениот претрес биле пронајдени и одземени еден килограм и 199 грама марихуана спакувана во едно полиетиленско кесе, 18,23 грама амфетамин спакувана во едно полиетиленско кесе и една дигитална вага на која биле детектирани траги од марихуана, кокаин и амфетамин, соопшти МВР.
Во вториот случај поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“, полициски службеници од Одделението за имотни деликти и малолетничка деликвенција Центар-Бит Пазар, постапувајќи по наредба од судија на претходна постапка, извршиле претрес во домот на пријавениот Б.И. при што биле пронајдени и одземени три полиетиленски кесиња во кои имало спакувано вкупно 408 грама наркотична дрога марихуана. Со него бил извршен разговор од страна на полициски службеници од Единицата за недозволена трговија со дрога, при што делумно појаснил од каде ја набавил дрогата и на кого планирал да ја продаде.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.