Актуелниот шампион во Формула 1, Нико Розберг, изјави дека ќе разговара со својот наследник во Мерцедес, Валтери Ботас, но дека нема да му ги открие тајните што ќе му помогнат да го победи клупскиот колега, Луис Хамилтон.
Розберг лани ја доби големата битка со Хамилтон и ја освои шампионската титула во Формула 1, а пет дена потоа неочекувано соопшти дека ја завршува кариерата. На негово место, Мерцедес го ангажира досегашниот возач на Вилијамс, Валтери Ботас.
– Да, Валтери ме побара да поразговараме. Со задоволство ќе го направам тоа, но нема да му дадам ниеден совет, ниту пак ќе му ги откријам тајните на Луис, иако го познавам многу добро. Ќе останам неутрален – изјави Нико Розберг.
По двегодишна борба со Хамилтон, Розберг лани успеа да ја освои својата прва шампионска титула, иако Хамилтон во 2016 имаше една победа повеќе. Германецот сега ќе работи како амбасадор на екипата на Мерцедес во Ф1 и во претстојната сезона на трките ќе присуствува во нова улога.
– Ќе продолжам да го следам развојот и едвај чекам да го видам новиот болид. Сигурно ќе бидам на пет или на шест трки, ќе продолжам да работам со спонзорите. Ние имаме најдобар тим и имаме најголеми шанси. Но, никогаш не треба да се потценат Ред Бул и Ферари. Јас сум вљубеник во Формула 1 и ја чувствувам истата возбуда како и секогаш поради претстојните тестирања на болидот – вели Розберг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.