| четврток, 6 декември 2018 |

Судот во Лозана почна да тактизира, повторно ја одложи одлуката за случајот „Адеми“

arijan ademi

Иако за денеска беше најавено соопштување на одлуката за македонскиот репрезентативец Аријан Адеми по неговата жалба против УЕФА по изречената четиригодишна суспензија од Европската куќа на фудбалот поради допинг, од Арбитражниот суд во Лозана го одложија сето тоа за 15 февруари.

Како што беше најавено денеска се очекуваше соопштувањето на одлуката со која Адеми треба да добие укинување на претходно изречената суспензија од УЕФА. Но, сето тоа сосема неочекувано е одложено, што наиде на огромен револт и во редовите на Динамо Загреб кои сега веќе се сомневаат дека под сомнителни околности се разгледува случајот „Адеми“.

Согласно сите утврдени докази, Аријан Адеми е апсолутно невин. Тоа го покажале и анализите од лабораторијата во Келн, кои Судот од Лозана ги побарал за ова судење. Сите анализи покажале дека лекот Мегамин, кој го користел Адеми, бил загаден со забранетата супстанца Станозол, но од страна на производителот, за што вина никако не може да сноси Адеми.

Токму поради тоа Адеми треба да добие укинување на суспензијата, а со тоа и да добие голема отштета од УЕФА. Па, последното одложување на одлуката од страна на Судот во Лозана укажува на тоа дека е можно да се најде избалансиран договор, со тоа што ќе остане досегашната суспензија за Аријан Адеми од 17 месеци, која си ја „одлежа“, а со тоа да се ослободи УЕФА од исплата на отштета за македонскиот репрезентативец и за Динамо Загреб.

Но, останува потоа можноста Аријан Адеми да ја тужи УЕФА во граѓанска постапка поради нанесени душевни болки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top