| четврток, 6 декември 2018 |

Изборот на владата, но и суштинско разрешување на кризата

Проф. д-р Јованка Кепеска

Проф. д-р Јованка Кепеска

Разрешувањето на кризата околу изборот на владата во Република Македонија е во тек. И разрешувањето на оваа криза, но и целосното разрешување на севкупната политичка кризна состојба може да се очекува да се случи единствено со решенија според основните сознанија што се преточени и во постојните уставни и законски решенија.

Основно во разрската на постојната криза, колку при изборот на владата така и во целост на политичката криза, потребно е да пристапиме со решенија и одлуки на политичките фактори кои појдовно се засноваат врз стојалиштето дека нацијата е еднозначна политичка заедница која внатрешно, врз индивидуална и колективна основа, ги востановува политичките односи на народот со деловите од народите во нејзините рамки. Тоа се основите врз кои лежи конституирањето на секоја нација, која претставува политичка заедница. Таа е основа на унитарната држава, додека националниот јазик е официјален во државата. Консеквентно, како што, нацијата и јазикот го носат името според македонскиот народ, така произлегува и името на македонската држава и македонскиот јазик како официјален јазик на држава. Така што јазикот, за кој, кај нас, се употребува називот службен, е јазик за комуникација на определен начин.

Ваквите согледувања беа оние што беа нагласени во актуелната дебата како основни врз кои, единствено, можат да се очекуваат политичките процеси  успешно да ја разрешат кризата. Воедно како примена на современите, и во светски рамки прифатени, мислења за основите на општественото живеење.

Изразувајќи ги општите сознаени претпоставки, засновајќи се на законски решенија, за да можат да бидат вистинското решение во сегашните македонски пригоди, како што е и во другите држави,  претседателот Иванов, обврза во пледоаето за предлогот за состав на новата влада, како еден од критериумите, да биде заложувањето за унитарниот карактер на македонската држава.

Тоа произлегува од потребата политиката да се подразбере и сфати според нејзината суштина, а тоа е дека таа во современите услови сé повеќе прераснува во дејност на организација на општеството.

И дека не може повеќе да опстојува во нејзиниот искривен облик да се спроведува како однос на политичките сили и според девизата која ја истакнал Џон Лок дека „човек на човека е волк“. Или да се претставува како резултат на спротивставените сили, како дејност врз која влијаат заштитници или дека е израз на бројки и на квантитатификација.

Така што политичките комбинаторики на партиите да изразуваат волунтаризам како и некакви политички платформи да ги обврзуваат наспротив реалните политички односи.

Како што поради дезориентација и несфаќање на суштината на политиката, завладеа и практиката на рушењето на базичните општествени принципи, непочитување на законските норми и омаловажувањето на институциите.

Да направиме едно актуелно споредување.

Претседателот Доналд Трамп за да се заложи за промена на позицијата на ниско стратифицираните социјални групи во САД, како и за афирмацијата на принципот за немешање во внатрешните работи на државите, пресудна беше аналитичката заснованост, усмерена на решенијата за да се надминат состојбите. Пресудни беа теориски изанализираните приоди кон темите „комунизам за богатите, капитализам за сиромашните“ и за штетните последици од неолибералниот капитализам во глобални рамки, од Ноам Чомски. Тоа направи неговиот говор да биде отворен. Говор кој ја изразува и решава стварноста.

Ноам Чомски аналитички  ја претстави дијагнозата на современиот индивидуализам, препознатлив како општење на човекот преку персонализираната  дигитална техника, со последици што неминовно ги создава во општеството, што, ако ја немаше, Доналд Трамп немаше успешно да ја заврши изборната трка за претседател на Америка. Тој своето влијание го изврши преку секундарната мрежа за информрање.

Притоа останува одново да укажеме дека отсуството на националното чувство во рамките на левата политичка опција опстојува како идеолошки реликт, произведен во рамките на комунистичкиот „теоретски багаж“, кој постојано ги отежнува решенијата. И дека ноторен факт е дека токму таквата идејна состојба е искористената подлога за стратешките настојувања на актерите кои се вложија да се разнебити нашата земја. Како што интернационалистичкиот пристап од комунистичка провениенција, кој не се заснова врз припадноста на народ и не го претпоставува космополитскиот однос меѓу народите, се совпаѓа и со глобалистичките тенденции во неолиберализмот во полза на експанзија на корпоративниот капитал.

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top