| четврток, 6 декември 2018 |

Командант без муниција

Ali A.

Роден на: 4 јануари 1959 г. во селото Зајас

Образование: Завршил литература во Приштина

Професија: Политички командант на ОВК, претседател на ДУИ

Времето или некои други математики му ја одзедоа силата на албанскиот Ханибал. Од оној што сееше страв и трепет меѓу своите, остана само трепет. Ќе успее ли командантот да ја задржи партијата и без глас да удри на масата и да му подаде рака на Груевски? За жал, тоа не се случи во неделата. Во неделата, кога истече последниот рок за составување коалиција Ахмети не успеа да воведе ред во својот двор полн со бесни деца. Пилците пораснаа, добија сила, а некој друг нуди многу повеќе.

Јас сум претседател и во секое време знам каде кого сум пратил и за што сум го пратил, рече Ахмети за да демонстрира моќ пред новинарите и за да покаже дека знае каде е и зошто е таму Невзат Бејта додека зад затворените порти на седиштето на ДУИ во мала Речица се „анализираа сите опции“. А Невзат Бејта, и според некои извори и Теута Арифи, бесните деца на Командантот, биле на консултации со Заев на „Бихаќка“. Секако, брзо се вратиле и тогаш сѐ тргнало наопаку.

Иако ја вртеше водата на својата воденица, Заев ѝ го направи најлошото што можеше да ѝ го направи на Македонија. За два месеци Ахмети двапати изгуби од Заев. Прво, на изборите, што со пари што со мед од устата, му ги откина гласовите, му ги намали мандатите, а сега со некоја чудна мирудија им го отвори апетитот на потпретседателите и ја изгуби контролата врз членството. Растргнат меѓу партијата и довчерашниот партнер, стариот волк не покажа слабост, но не се покажа ниту моќен да го искористи статутарното право самиот на крајот да одлучи онака како што допираа гласови од зад затворените порти во Мала Речица.

Јас ги отфрлам таквите шпекулации. Ахмети има статутарно право и сам да одлучи за чекорите, но негова цел е да ги слушне мислењата на сите членови на претседателството за сите опции, за да се донесе најздрава одлука. Отфрлам дека има раздор во партијата или некакви обиди за тоа. Не ни е битна политичката судбина на ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ важна ни е реализацијата на платформата и договорот потпишан со Албанците“, изјави портпаролот на ДУИ Бујар Османи.

Имајќи предвид дека сеалбанската платформа е пред сѐ во внатрепартиските и во коалициските преговори на ДУИ, нејасно е на кои „други граѓани“ мисли Ахмети. Веројатно на Заев и другарите, кои веројатно се задоволни што Рама ја преслика нивната идеја за Голема Албанија во сеалбанска платформа. Или обратно, но небитно.

Се уште нема одлука со кого ќе влеземе во коалиција. Ги анализираме сите опции со цел да ја донесеме најдобрата можна одлука во корист на Албанците и на сите други граѓани на Македонија, изјави Ахмети.

Тешки денови и црни облаци се над претседателот на ДУИ, а вакво премреже, низ какво што минува, не памети ниту историјата. Растргнат меѓу партнерот Груевски и големиот Албанец Заев, Ахмети треба да покаже дека е човек од збор, доверлив партнер, но и голем Албанец. Секако, поголем од најголемиот.

„Најголем дел од преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не успеал поради тоа што партијата предводена од Никола Груевски не отстапувала од ветеното за време на кампањата – дека нема да дозволи двојазичност на целата територија по цена на задирање во Уставот на Република Македонија. Двојазичноста е и еден од клучните проблеми поради кои преговорите пропаднале“, објави „Дневник“ од свои извори.

Така, на полноќ пукна тиквата. Наместо да бира меѓу зборот и гордоста, Ахмети побарал од Груевски да се престори во Заев. Овој, секако, не прифатил, па наместо Ахмети да излезе партнер од збор и поголем Албанец од Заев во едно, стана осамениот Командант, кој не успеа да извојува победа над кризата во Македонија.


Текстот е објавен во рубриката „Личност на неделата“ во 231 број на неделникот Република, кој излезе од печат на 3 февруари 2017 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top