| четврток, 6 декември 2018 |

ФИФА на Црвена Звезда ѝ ја одзеде светската титула, Савичевиќ: Тоа е небулоза

Белградска Црвена звезда е само еден од низата клубови кои не можат да сметаат дека биле светски клупски шампиони, објави ФИФА. Според Светската фудбалска федерација за светски шампиони, на клупско ниво, можат да се сметаат само екипите кои од 2000 година го освојувале Светското клупско првенство.

Црвена звезда, со двајца Македонци во составот, Илија Најдоски и Дарко Панчев, во 1991 година го освои Интерконтиненталниот куп, кој до 2000 година го играа европскиот и јужноамериканскиот шампион.

Белградскиот тим 1991 година во Токио го победи Коло-Коло со 3-0, еден гол постигна Панчев, а два Југовиќ кој беше прогласен за играч на финалето.

– ФИФА смета дека основањето на светските клупски првенства се дел од историјата, таква е ситуацијата и со Интерконтиненталниот куп. Сепак ФИФА од 2000 година го организира Светското клупско првенство на кое учествуваат шампионите на сите шест конфедерации и само тие шампиони ФИФА ги смета за освојувачи на светската клупска титула -објави ФИФА.

Оваа одлука на ФИФА предизвика револт кај легендата на Црвена звезда од таа генерација, Дејан Савичевиќ, кој поради црвен картон не го заврши финалето во 1991 година.

– Бевме најдобри. И точка. Некој во ФИФА прави глупости и сака да ја менува историјата. Не ми е јасно кој дошол на таква идеа, по толку години да ја менува историјата. Тоa е небулозно. Секогаш клубовите од Европа и Јужна Америка решавале за трофеите. Црвена звезда за мене секогаш ќе биде светски шампион – рекол актуелниот претседател на Фудбалскиот сојуз на Црна Гора.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top