| четврток, 6 декември 2018 |

Во Аеродром ќе се градат четири нови улици

Градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска официјално најавија изградба на нова инфраструктура во населбата Стар Аеродром, поточно изградба на 4 комплетно нови улици, за што деновиве општината објави тендер.

Станува збор за изградба на фекална и атмосферска канализација, асфалтирање, тротоари и јавно осветлување на улиците „Пандил Шишков“, „Вангел Тодоровски“ и новопроектираните улици 4 и 5 во населбата Стар Аеродром во вкупна должина од околу 800 метри и широчина од 7 метри.

Изградбата на овие 4 улици, како што рече градоначалникот Коневски, заедно со неодамнешната реконструкција на улицата „Методија Шаторов – Шарло“ (поранешна Руди Чајавец) значи зајакнување на инфраструктурата во оваа населба со нови објекти за домување и има витално значење за урбаното живеење на нејзините жители.

Новата инфраструктура, како што рече градоначалникот Коневски, се очекува да го задоволи неопходниот капацитет за новите станбени објекти во овој дел од Општината.

Исто така, целосно ќе се реконструира и улицата „Васко Карангелески“, која е во надлежност на Град Скопје, од каде најавија и пробивање нова улица од булеварот „Трета Македонска бригада“ до воениот базен.

Улицата „Васко Карангелески“ ќе се реконструира и во делот од Мајчин дом до хотел „Русија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top