| четврток, 6 декември 2018 |

Критика

 

Ацо Станковски

Ацо Станковски

 

Идеолошко-политичката шизофренија во Република Македонија доживува еклатантна експанзија опфаќајќи ги речиси сите сегменти на општествениот дискурс. Ова не е ништо ново на планот на светската историја, ниту во однос на последните векови (а веројатно и од Херодот наваму), а ниту, пак, на ниво на таканаречените современи политички процеси, кои како да ги поделија, исто како и тука, во татковината, речиси сите жители на западната цивилизациска хемисфера.

Тоа што уште пред повеќе од еден век го најавуваа Фридрих Ниче и Освалд Шпенглер, денес го гледаме „in vivo“ – како реално шоу.

Дури и во најделикатните структури, во тие што се занимаваат со „возвишена“ тематика, како што е уметноста или, пак, филозофијата, гледаме сосема евидентни примери за оваа чудна подвоеност и заемна критика и тоа не по прашањата супстанцијални за „предметот“ на опсервација и на анализа, туку по најтривијалните прашања, произлезени од дневната политика и, воопшто, од идеолошката и партиска инклинација.

Тоа дисперзира насекаде без каква било надеж да запре во најскоро време.

Можеби се работи за една сеопшта фиксација за феноменот на политиката, драматизирана и естетизирана низ масмедиумите. Потоа апропријативноста, која доаѓа од виртуелните сугестии врз граѓаните низ сеопшто пропагираната прикаска за демократијата како единствен систем на политичка партиципација, која го генерира најсоодветниот начин на дистрибуција на моќта, политичката моќ.

Не е за потценување ниту, пак, лудичкиот аспект на човека, кој, привлечен од силната хипноза на „играта и натпреварот“, почнува активно да учествува во овој бескраен психологистички лавиринт.
Тука, сите овие маси се чувствуваат како творци во контекстот на колективната политичка свест и како општа волја, која низ една беспоштедна борба со непријателот (претставник на силите на злото) ќе достигнат победничка слава и ќе воспостават нов „праведен“ поредок, нивни поредок, а потоа ќе зацаруваат врз механизмите на управувањето на државата. Така тие ќе бидат и борци, и херои, и револуционери, и спасители, едноставно, ќе станат нови и непобитни владетели, харизматици и светла иднина без остаток. За профитот и да не говориме.

А тоа некако може и да се проголта кај необразованите маси, кои единствено низ изборниот процес ја чувствуваат својата важност и вредноста, која ретко кога имаат можност да ја доживеат како референција по себе, за себе и од себе.
Но животот е суров и ретко кој може да се вознесе до самите висини на свесната, ако сакате, и творечка егзистенција. Да вообликува идејни структури и да теоретизира околу сето тоа, да влезе во пантеонот на деликатноста и да се занимава со најинтелектуалните проблеми на човештвото и на цивилизацијата. Да се вгради во мозаикот на катедралата на хуманата и креативна историја на човештвото.

Секако, ако ги заобиколиме кариеристите и системските опортунисти, за кои високата позиција во општествената хиерархија е ултимативна цел и вредност, тогаш мал број творци својот креативен импулс можат да го одржат во интактна позиција заобиколувајќи ги тривијалностите на дневнополитичките шокови и провокации. Но ова се ретки појави во последниве времиња, посебно тука, во Република Македонија. За ова, веројатно, најмногу придонесува огромниот број скрибомани, кои, самопромовирани во сезнајковци и адепти, ја туркаат како нездрави својата навивачка, би рекол, најчесто, хулиганска агенда.

Но и демократизацијата на сеопштата мисловност, каде, благодарение на кибернетската технологија и на интернетот, многу од овие скрибомани и псевдоинтелектуални пијавици одново и одново навалуваат, пенетрираат и бесрамно се наметнуваат како некакви центри на севселенското знаење.

Веројатно, целосно раскрстиле со творечката етика и со дигнитетот на професионалноста, воопшто.

Како, инаку, од некоја исфантазирана позиција на кредибилност, би се впуштале во најмизерни озборувања на своите поранешни пријатели и соработници. Демек, тој и тој (двајца наши проминентни уметници) го молеле да им направи нешто, а тој ги одбил поради што – тоа нешто било под нивото на неговиот ранг, интелектуален или естетски вкус, под нивото на неговиот професионален стандард и, воопшто, далеку под неговите сериозни заложби за „вистинските“ вредности во културата.

Па уште објавува фотографии каде што е снимен со овие двајца соработници, пријатели или, како што навестува самиот – „молители“, за да им помогне на професионален план, а тој, во името на принципите на неговата продукциска и експертска строгост ги одбива, а тие остануваат фрустрирани и нереализирани. Но, што да се прави – инсинуира овој „акробат“ на мисловноста, кога тоа што му го нуделе било лошо, а нив не ги бивало. Уште ли? И тој сето тоа го екстраполира во сегашноста.

Патем, лепи уште неколку „професионални“ шлаканици на по некој уметник што го поддржува „режимот“, пред да се истави од мрежата како вејка однесена од виорот.

Многу малку „штоф“ има во овие негови провинцијални скенирања во длабините на уметноста, потфати за кои ниту има дух, а ниту, пак, вистинско есенцијално искуство, што многу добро се гледа по бедата и креативната мизерија на неговата скрибоманија, која немо ја наметнува секаде каде што може, почнувајќи од лукративните позиции во мрежата на Сорос, па сѐ до неговите академски авантури и буџетски паразитирања (со оглед на пропагандистичките беседи што ги држи пред студентите, за кои, секако, не е ни платен).

Но сето тоа е едно исто стадо фрустрирани муфлони, чијашто кулминациска ситуација во уметноста е варварското дивеење на криминалците од ситен калибар, кои за десет евра фрлаат куртони полни со боја врз фасадите на државните институции. Понекогаш и кршат излози – а тоа е веќе радикална позиција и тој тука се колеба дали е, можеби, политички некоректно ако ги пофали?

И со таква морална беда, тој влегува во шокантно суетно просудување и во крајно непристојно себевеличење врз база на празна несоодветна цитатологија и уште побанална фактографија, која ниту може да ја инкорпорира во една конзистентна и целисходна мисла, ниту, пак, успева стратегиски да ги урне креативните постулати на своите опоненти.

Но нека се перчи како мисир на буниште, карикатуралноста и гротескноста, што ги емитува наоколу, може да биде дури и инспирација за плитките фасцинации на таканаречените шарени соросоидни бројлери со револуционерни комплекси.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top