| четврток, 6 декември 2018 |

„Аквамарин“ на Тања Урошевиќ преведен на руски јазик

Во првите денови на јануари во излозите на московските книжарници се појави романот на Тања Урошевиќ „Аквамарин“ во превод на руски јазик. Книгата ја објави издавачката куќа „У Никитских ворот“ во чие издание досега се веќе излезени неколку книги на македонски автори. Преводот на романот е дело на Олга Панкина, реномиран преведувач и афирматор на македонската литература во Русија, и на Марија Проскурнина, познат македонист.

            Тања Урошевиќ е автор на два романа, една збирка раскази, како и на голем број преводи од класичната и современата руска литература. Нејзиниот роман „Аквамарин“ имаше две изданија на македонски во 2004 (во „Магор“) и во 2008 година (во едицијата „Македонска книжевност“) и, во мигот на појавувањето, го сврте врз себе вниманието на не мал број наши книжевни критичари.

            „Романот ‘Аквамарин’ привлекува со обраќањето на писателката кон историските настани во ХХ век, осмислено како лично, интимно и субјективно предадено духовно ‘искуство на херојот’“, се вели во предговорот на книгата, потпишан од двете преведувачки. „Романот ‘Аквамарин’, истакнуваат тие, дава можност да се сфати нераскинливата културно-историска врска помеѓу македонскиот и рускиот народ која, по прецизниот израз на Весна Мојсова-Чепишевска, ‘колку им е блиска на Македонците, толку им е и малку позната’”.

            Романот на Тања Урошевиќ е објавен со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top