За 2017 година НУ Драмски театар Скопје конкурираше во Министерството за култура со шест претстави, а одобрени се пет и тоа: „Смртта на Дантон“ – автор Георг Бихнер, режија Иван Манасковски, „Вера, љубов, надеж“ – автор Еден фон Хорват, режија Лука Кортина, „Атена со пенис“ – автор Александар Русјаков, режија Синиша Евтимов, „Љубовта на Федра“ – автор Сара Кејн, режија Оливер Фрљиќ, „Неподносливо долги прегратки“ – автор Иван Александрович Вирипаев, режија Галин Стоев.
– Во Репертоарот на НУ Драмски театар Скопје за 2017 година запазена е интенцијата на Театарот секоја година да поставува драмски текстови од домашни автори, како и интенцијата да даде шанса и да промовира млади и талентирани режисери. Проверените и докажани режисерски имиња од странство кои треба да режираат на сцената на НУ Драмски театар Скопје е само потврда на заложбите на Театарот за отворен проток на идеи и за промоција на современите европски трендови на сцената на Театарот – велат од Драмски театар.
На конкурсот за Годишна програма на националните установи НУ Драмски театар Скопје во 2016 година конкурираше со девет претстави, а одобрени беа 6 (шест).
– Последната претстава е во фаза на реализација и се очекува да биде готова кон средината на февуари. Исто така, одобрени беа и издание на „Театарски гласник“, кој во моментов е во печат и монографија „70 години НУ Драмски театар Скопје, која е во завршна фаза на изработка. Одобрена и повеќе од успешно реализирана е мини Балканска турнеја во Сараево, Загреб и Белград со претставата „Генетика на кучињата“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски – додаваат од Драмски.
Во 2016 година НУ Драмски театар Скопје одигра точно 203 претстави, а претставите ги погледнаа 36 272 гледачи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.