Жири-комисија за доделување на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2016 година при Национална установа Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид, на состанокот од 20 јануари 2017 година, од трите поеми што влегоа во најтесен круг, (а од вкупно дваесетте пристигнати): „Слово горко непремолк“ под шифра „892000“, „Македонски стар и нов завет“ под шифра „Библија“ и „Армагедон“ под шифра „Кузман Капидан“ за најдобра ја избра поемата „Македонски стар и нов завет“ испратена под шифра „Библија“.
Текстот на поемата „Македонски стар и нов завет“ се издвојува со лирско-епското пеење поставено на повеќе нивоа каде низ тонските созвучја одгласува простумот на татковината низ временските длабочини. „Македонски стар и нов завет“ е поема што во себе ја вплотува драматичноста на времето и драматиката на опстојбите низ долгата низа македонски векови. Протекот на дејството, кој надоаѓа од високите врвови на егзистетот на родот, понесува со својот полифоничен одглас на каскадниот порој низ спектарот на тонови и бои со силна ерупција на метафори. Таа е една кратка, збиена историја на битот на татковината што во целата широчина ги отвора големината на просторот и длабочината на времето од кои пулсира живата енергија на настаните. Кохерентна градба на естетска хармонија низ лирско и епско созвучје, стои во соопштението за јавност на жири-комисијата за избор на најдобра поема на македонски јазик за 2017 година, чијшто претседател е поетот Трајче Кацаров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.