| четврток, 6 декември 2018 |

Дали ЦИА го потврди крминалот на СДСМ со шверц на нафта кон Србија? (ВИДЕО)

Во еден од објавените документите на ЦИА од 1995 година, во кој се обработува кршењето на ембаргото кон СР Југославија, во делот посветен на Македонија пишува како власта од тогашната СДСМ на чело со своите врвни функционери земала мито за кршењето на ембаргото

Илјадниците документи на ЦИА поврзани со Балканот кои деновиве излегоа во јавноста откриваат , но и ја  потврдуваат вмешаноста на СДСМ и нејзини високи функционери во шверцот со разни стоки и кршењето на ембаргото кон Србија во 90-те, но и откриваат дека земале надомест за „завршената работа“.

Во еден од објавените документите на ЦИА од 1995 година, во кој се обработува кршењето на ембаргото кон СР Југославија, во делот посветен на Македонија пишува дека тогашната власт на СДСМ земала мито за кршењето на ембаргото.

„Македонскиот министер за надворешни работи му призна на шефот на мисијата на САД во Скопје дека неговата држава не може да применува строги санкции кон Србија. Врвни македонски функционери, вклучувајќи ги премиерот Црвенковски, министерот за финансии Миљовски и министерот за транспорт Бузлевски – добиваат мито за обезбедување  лажни документи и документи за транспорт“, пишува во извештајот.

Извештајот открива и како функционирала шемата.

„Многу македонски фирми користат лажни документи за да ѝ помогнат на Србија да ги избегне санкциите, пишувајќи се себе како краен импортер на стоките, во принцип наменети за Србија и како извор на извозот кој е од Србија. За паричен надомест, овие фирми се задолжени за подготовка на документите, складирање и транспорт на стоката”, пишува во извештајот.

cia sdsm

Документите потврдуваат и дека шверцот бил од енормни размери.

„Со мал прекин во почетокот на јули, секоја недела во текот на последниот месец околу 1 200 полни камиони, двојно повеќе отколку во периодот јануари–март (околу 635 камиони и околу 130 вагони) влегле во Србија”.

„Главните непрехранбени продукти кои се увезуваат во Србија се метали, текстил, хемикалии и средства за подмачкување (лубриканти). Други увозни стоки кои се забележани од есента 1994 година вклучуваат: машини, машински делови, компјутери и сателитска опрема. Во текот на средината на јули, набљудувачите воочиле 9 пратки со компјутерска опрема“, стои во извештајот.

Дополнително во извештајот пишува дека Македонија увезувала нафта на свое име, а потоа истата нафта продолжувала кон Србија.

„Македонија исто така увезува и нафтени продукти за Србија, во овој сегмент недостасуваат податоци за да можеме да го потврдиме бројот. Во текот на март и април 526 возни цистерни ја поминале македонско-српската граница кај Табановце, според корпусот на ОН во Македонија, повеќето од нив веројатно биле со нафтени продукти.”

 

За шверцот кон Србија и кршењето на ембаргото сведочеше и Љубомир Магаш, српски криминалец кој активно учествувал во шверцот. Како што сведочи Магаш, партнерите од Бугарија во шверцот со нафта им купиле подарок, два автомобили „мерцедес S 600“ – популарно наречени слонови, како подарок за успешната соработка.

Тој сведочеше и за Љубомир Фрчкоски, дека бил клучен играч за непречен шверц и дека освен нафта се шверцувале и цигари, кои биле дел од сиџирот организиран од Милошевиќ.

-Ми се јави Фрчкоски и ми рече дека нафтата вечерва не може да помине од одредени причини. Веднаш му се јавив на Драган Стошиќ, ексдиректорот на „Симпо“ од Врање, кој беше врската меѓу мене и Македонците. Му објаснив дека ме чекаат во Србија и дека ќе се посомневаат ако пратката задоцни. Ми одговори „Не се секирај, пратката утре ќе помине, оти вечерва треба да пројде пратка со цигари“. Прашав „Кои, бе цигари, кој е поважен од нас во оваа работа“, а тој ми рече „Цигарите на Марко Милошевиќ“, раскажува Магаш.

Сомнежот во народот за шверцот со секаков вид стока и кумувањето на СДСМ во сето тоа веќе е и официјално потврден. Сега останува да видиме дали СДСМ како партија јавно ќе повика на истрага против своите некогашни функционери? Дали ќе побара парите да им бидат вратени на граѓаните? Зошто судејќи по бројот на композиции кои секојдневно минувале, се работи за многу пари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top