| четврток, 6 декември 2018 |

Хрватска – Шпанија е шлагерот на денот на СП во Франција

svetsko prvenstvo

Се е подготвено за четирите фантастични ракометни битки кои ќе се одржат вечерва во различни градови ширум Франција и ќе ги дадат имињата на полуфиналистите на ова Светско Првенство. Откако Катар и Унгарија приредија сензации во претходната рунда стана јасно дека фаворитските улоги не значат буквално ништо на мундијалот, па сега Шведска ќе се обиде да го земе скалпот на домаќинот.

hrvatska rakomet

Најитересен дуел се очекува да биде оној меѓу Хрватска и Шпанија. Шампионот од 2003 година – Хрватска, се среќава со првакот од 2005 и 2013 година – Шпанија, во битка за билет за Париз. Овие две репрезентации лани играа во полуфиналето од ЕП во Краков, меч што заврши со триумф на Шпанија од 33-29. Две години претходно, Шпанците стигнаа до бронзата на ЕП во Данска откако во „малото финале“ ја совладаа Хрватска со 29-28.

„Црвената фурија“ е една од двете селекции (заедно со Франција) со максимални шест победи во досегашниот дел од мундијалот.
Натпреварот се игра Монпелје и започнува од 20.45 часот.

germanija-katar-615x400

По мечот од осминафиналето меѓу Катар и Германија во кој големо изненадување направи светскиот вицешампион со елиминацијата на актуелниот шампион на Европа, се чини дека Словенија предводена од Веселин Вујовиќ можеби и ќе ја нема фаворитската улога иако обложувалниците предноста за влез во полуфиналето им ја даваат на Словеницте. На претходниот шампионат на кој домаќини беа токму Катарците, интернационалниот состав на Азијците славеше со 31-29. Главниот адут на селекторот Ривера е Капоте кој пред две години беше стрелец на 12 голови.

Овој меч се игра во Париз во истиот термин од 20.45 часот.

francija

Домаќинот Франција по елиминациите на Германија и Данска и се поголема фаворитска улога за одбрана на светската титула. За да стигнат до неа ракометарите на Дидие Динар треба да слави и на следните три меча, а на патот до тронот најпрво ќе се испречи Шведска која е репрезентација за респект. Според меѓусебните дуели досега, Швеѓаните нема така лесно да ја продадат својата кожа и во Лил пред 28.000 гледачи се очекува вистинска битка. До овој меч Франција беше супериорна во сите шест натпревари досега, но ако продолжи трендот од осминафиналните мечеви, нема да биде чудо доколку токму Швеѓаните ги елиминираат домаќините. Во последните 20 години нивните меѓусебни натпревари не завршиле со победа изразена со повеќе од три гола разлика.

Мечот во Лил започнува во 19 часот.

norveska

Во Албервил во првиот термин на денот од 17 часот ќе се сретнат Унгарија и Норвешка. Овие две репрезентации се сретнале пет пати на ракометните мундијали, но ниту еднаш во нокаут фазата. По првиот триумф во 1958 година, Норвежаните ги загубија последните четири дуели со денешниот ривал, последниот во 2011 година со 26-23. Унгарците влегуваат во натпреварот носени на крилјата на фантастичниот триумф над Данска во осминафиналето, додека Норвешка премногу лесно ја совлада Македонија на саботниот дуел во Албервил.

За Норвежаните ова е прво мундијалско четвртфинале во историјата, откако лани стигнаа до полуфиналето на ЕП во Полска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top