Периодов многу се пишуваше во негативен контекст за Попова Шапка, се крена голема врева дека на денот на отворањето на ски-сезоната не работат ски-лифтовите и жичницата, во медиумите имаше реакција од многу револтирани посетители на ски-центарот, но ја слушнавме другата страна. Затоа, ја искористивме вревата за да направиме миниинтервју со директорката Елем турс, Јованка Стојанова, под чија надлежност е функционирањето на ски-центарот Попова Шапка.
Морам да признаам не очекував дека ќе одговорите на телефонскиот повик. Барем така се шпекулираше по медиумите дека не кревате на телефон?
– Мислам дека начинот на перцепција на случувањата кои се од интерес на граѓаните медиумите во голема мера го пласираат преку призмата на дневнополитичките случувања во земјата, со групирање на медиуми околу агенда која предвидува давање негативни критики, омаловажување, користење недоличен речник, пласирање еднострани анализи и репортажи кои смислено водат во однапред дефинирана цел. Од избрзаниот настап и пристрасните репортажа се изведуваат генерализирани заклучоци за проблеми чие решавање бара сериозен и сеопфатен пристап. Во тој контекст не е вистина она што се пишуваше во медиумите затоа што ниту јас ниту пак одговорните директори на ски-центарот „Попова Шапка“ не сме добиле покана или повик на кој соодветно би се подготвиле и би дале одговори во интерес на темата на професионален и коректен начин, секако без да одземаме нечија слобода да формира заклучок каков што оценува дека е прифатлив да го пласира во јавноста.
Имаше ли хаварија на жичниците и ски-лифтовите на денот на отворањето на ски-сезоната 18 јануари?
– Не реков дека некој излажал или дека совршено работи ски-центарот „Попова Шапка“ или дека се плетат конспирации против некого, само потенцирав дека нема простор за квалитетна размена на информации кога од спротивната страна има однапред подготвен текст кој треба даде однапред дефиниран заклучок. Тоа е мојот впечаток кога ги примив вестите пласирани во два медиума. Дали ќе беше интересот ист како оној од минатата година, која беше претежно сушна и дали едноставно во 365 дена во годината правиме репортажи наменски во еден зимски ден, одиме на терен, затекнуваме вработени или скијачи, тие даваат некаков одговор, секој за себе, и одеднаш се разбира, сѐ не чини. Видете, сите ние, и ние кои управуваме и љубителите на зимските спортови имаме желба скијачкиот центар да работи со полн капацитет, да постои добра организација и солидно управување со центарот. Но, на 18 јануари не беше почеток на ски-сезоната, сепак, сѐ уште немаше доволно снег за да работи скијачкиот центар и да има скијање. Од тоа произлегува дека на 18 јануари не беше отворање на ски-сезоната поради тоа што сѐ уште немаше услови за скијање, ниту пак беа пуштени во работа жичниците и ски-лифтовите, како што беше наведено во написите. На 18 јануари беше пуштена жичницата „Св. Илија“ во пробна работа, односно тестирање на работа, што е стандардна процедура за проверка и исправност на работата на жичницата. И од таа причина во ниту еден медиум не објавивме дека ќе работи жичницата. Но, на барање на гостите да се повозат со жичницата за да уживаат во прекрасниот поглед, раководните лица на центарот дозволиле возење за туристите кои престојуваа на Попова Шапка. Им била наплатена карта од 100 денари за едно возење, од проста причина што со купената карта, туристите се осигурани од механички повреди при возење на жичницата, а не за остварување промет од продажба на ски-карти во текот на денот.
Зошто ски-сезоната на Шапка задоцни толку многу оваа година?
Ние имавме обид за официјален почеток на ски-сезона во првата недела од јануари оваа година, но прашкастиот снег и ниските температури не го дозволија тоа. Тогаш и најавивме и почеток на ски-сезона со бесплатно скијање за сите посетители, но и покрај напорот на сите вработени на скијачкиот центар, пред сѐ на службите за жичници и ски-лифтови, спасителната служба и службата за машините за подготовка на снег, кои цела ноќ ги подготвуваа ски-патеките, силниот ветер го направи своето, го оддува снегот од ски-терените. Со еден збор, временските услови не дозволија да се одржи скијање тој ден. Почетокот на ски-сезоната на Попова Шапка не може да се фиксира за датум. Наша обврска е да бидеме подготвени и сезоната да почне штом ќе го дозволат тоа временските услови. Можеби календарски зимската сезона доцна започна, но затоа, оваа година по нашите прогнози, ќе биде една од подолгите. Снежни врнежи со ваков интензитет не се паметат во последните 10 години. Знаете, фрустрирачки е по макотрпна работа цело деноноќие некој да каже дека на Шапка паѓа снег, а никој ништо не прави за да овозможи услови за скијање. Вработените одговорно ја завршија својата работна обврска, но се немоќни пред временските услови.
Две години нема поволни временски услови за ски-сезона на Шапка. Зошто не го искористивте овој период за да направите јавни тоалети и паркиралишта за возилата? Зошто едноставно не купите топови за вештачки снег?
Топовите се составен дел на системот за вештачки снег, односно надземните инсталации кои скијачите ги гледаат. За да се произведе систем за технички снег, најнапред треба да се изгради акумулација за вода, а потоа да се изгради инфраструктура – пумпна станица со цевководи поврзани со топовите и останатите елементи за распрскување на снег. Процесот за инсталирање на овој систем на Попова Шапка е во тек, започната е градбата на акумулацијата, и ќе продолжи по завршување на зимската сезона.
Изградбата на нов паркинг-простор и обезбедување на паркинг за сите дневни скијачи е приоритет којшто планираме да го реализираме во наредниот период. Досега е изработена урбанистичко-планската документација, има изработено основен проект, но кога ќе почне да се релизира овој проект засега не би прецизирала.
Неколку години сте на чело на Елем турс. Што ве мотивира и со какви предизвици се соочувате?
Најголемиот предизвик за мене е Попова Шапка да стане синоним за скијање во Македонија. Онаш пто го поседува Попова Шапка, и природните ресурси, но и во организацискиот дел: хотелот, жичницата, ски-лифтовите, придружните содржини, работењето на вработените да бидат причина љубителите на зимските спортови да се одлучат за Попова Шапка и да не си заминат разочарани.
Мојот личен предизвик е да го менаџирам друштвото низ еден многу сериозен процес кој опфаќа координација на реализацијата на инвестициите на АД ЕЛЕМ од повеќегодишна динамика и од капитален карактер во Попова Шапка, тековно менаџирање со она што веќе постои, негово одржување и безбедно функционирање во овој транзитивен период, и кадровско екипирање и реорганизирање на вработените, менување на пристапот и работата со ски-центарот.
Мојот работен ден започнува рано наутро кога ги проверувам условите во сите наши хотелско-сместувачки капацитети. Ги следам протоколите на службената комуникација со раководителите на подружниците, проблемите од претходниот ден од технички и организациски карактер, поправки, сервис, безбедносни контроли, фактички ситуации кои се случиле, повратни информации од корисниците на услугите.
Во Дирекцијата на дневен ред се редовно информации и материјали поврзани со инвестициите на а.д. ЕЛЕМ (работни групи по проект) динамиката на реализација, комуникација со изведувачите, тековно следење на договорните обврски.
Во последните 5-6 години всушност а.д. ЕЛЕМ преку ЕЛЕМ турс д.о.о.е.л. зацрта стратешка цел центарот Попова Шапка да прерасне во центар кој ќе се најде на туристичката понуда на Република Македонија, отворен за сите домашни и странски туристи, а не пред сѐ наменет за остварување промет на компанијата и да ги задоволи потребите за рекреација на вработените, како што беше тоа во минатите децении. Сепак, хотелските капацитети се изградени од компанијата и за компанијата.
Токму затоа сметам дека една од најважните работи е што успеавме нашите проекти да ги вклучиме во владината политика за развој на туризмот и притоа да добиеме поддршка во делот на нашите инвестициски зафати за осовремнување и развој на хотелско-сместувачките капацитети со кои управуваме, бидејќи со нивно развивање учествуваме сосема солидно во многу други цели вработување, рамномерен регионален развој, развивање на други хоризонтални сектори во трговијата особено услужниот сектор итн.
Попова Шапка има потенцијал да стане еден од водечките скијачки центри во регионот. Во што ја гледате развојната шанса?
Ја гледам во успешна реализација на инвестициите, која е неминовна без оглед на сите проблеми со кои се соочуваме, потоа во внатрешна реорганизација и кадровско зајакнување на друштвото, и секако воспоставување и вмрежување во системите за глобално привлекување на туристи. Сметам дека можеме и имаме услови да направиме економични пакети кои гледани низ призмата на квалитет на услуга спрема вложена цена ќе биде конкурентна, но секако базирана на пристоен стандард.
Што е потребно за да се унапреди конкурентноста на ски-центарот Попова Шапка?
Инвестиции во примарната и во секундарната скијачка инфраструктура. Откако имаме функционална жичница шестосед, системот за вештачки снег, добрата организација и оперирањето со опремата за безбедност на скијачите, пристојните хотелски услови за гостите треба да бидат натамошен влог во поширок опфат со реномиран приватен партнер или партнери во насока на проширување и изградба на Попова Шапка како зимски комплекс на туристички капацитети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.