| четврток, 6 декември 2018 |

Шалке 04 во Скопје, суперпредизвик за Вардар

Бундеслигашот од Гелзенкирхен, Шалке 04, утре ќе му гостува на Вардар на пријателски меч, на националната арена „Филип Втори“, што претставува вистински предизвик за навивачите на македонскиот шампион. До денеска претпладне се продадени 4 илјади билети по цена од 100 до 150 денари, а очекувањата на раководствот на „црвено-црните“ се дека ќе има пристојна бројка на гледачи, како што му доликува на ваков спектакл.

„Голема чест за Вардар претставува е гостувањето на Шалке 04. Долг период, повеќе од една година имавме комуникација со раководството на Шалке, за да го договориме терминот на нивното гостување. Ќе биде ова убава можност да се присуствува на вистински фудбалски спектакл“, истакна претседателот на Вардар, Зоран Шишковски, на денешната средба со новинарите.

Експедицијата на германскиот состав утре попладне ќе пристигне во Скопје, од Копенхаген, а натпреварот ќе се игра од 20 часот. Во тимот на гостите ќе ги нема тројцата репрезентативци на Германија, Драклсер, Хеведес и Нојштатер и Џермејн Џонс кој игра за САД. Двете селекции ќе играат пријателски натпревар во Вашингтон за неколку дена. Сепак, Шалке 04 има уште доста фудбалски ѕвезди од калибарот на Хунтелар, Бастос, Фарфан, Матип, Хилдебранд…., што залусжуваат внимание и вреди да се видат во живо.

„Ова е натпревар во кој фудбалерите треба да уживаат. Голема чест е што ќе ги одмериме силите со Шалке, германски гигант, кој во своите редови има фудбалски мегаѕвезди. Шанса да настапат ќе добијат сите фудбалери, а ние, сепак, треба да размислуваме за двата последни првенствени меча, во кои треба да ја осигураме домашната титула“, изјави тренерот на Вардар, Благоја Милевски.

 

Капитенот на „црвено-црните“ Остоја Стјепановиќ, ги повика гледачите во голем број да дојдат на арената „Филип Втори“, да го бодрат Вардар и да уживаат во фудбалската манифестација.

 

„Ова е одлична можност да ги почувствуваме дуелите со екстра-квалитетни европски фудбалери. Тоа ќе ни биде повеќе од потребно во пресрет на меѓународните искушенија што ќе не очекуваат во квалификациите за Лигата на шамионите следната сезона“, рече Стјепановиќ.

 

Искусниот дефанзивец Златко Таневски е единствен од овој тим на Вардар, кој настапуваше и во сезоната 2003/04, кога „црвено-црните“ во рамките на Интертото купотиграа против Шалке. Тогаш Германците беа пресилни за Вардар и ги добија двата дуели, со 5-0 во Гелзенкирхен и со 2-1, во Скопје. Оттогаш, речиси цела деценија, трае пријателството на двата клуба и особено на навивачите. Уште една нишка што ги поврзува спортските пријатели е и голманот Драган Мутибариќ. Тој има настапувано и за Вардар и за Шалке 04, па нему му припадна честа, утре да го изведе почетниот удар.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top