Машката ракометна репрезентација на Македонија против Норвешка ќе се обиде да го постигне најголемиот успех кога во прашање е настапот на црвено-жолтите на Светските првенства.
Попладнево во Албервил, Македонија и Норвешка ќе ја отворат осминафиналната рунда на Мундијалот во Франција.
Досега Македонија и Норвешка имаат одиграно вкупно четири натпревари од кои три официјални. Во последниот минатата година на Европското првенство средбата заврши без победник 31-31.
Единствената победа Македонија во дуелите со Норвешка ја оствари во квалификациите за ЕП 2009 кога на домашен терен црвено-жолтите славеа со 30-29, а на гости загубија со 36-30. Норвежаните имаат уште една победа и тоа на пријателски меч на „Бринг купот“ одигран во 2011 година кога не совладаа со 33-29.
Капитенот Кирил Лазаров верува дека доколку се повтори играта од последните два натпревари, особено дуелот против Шпанија, тогаш нашата селекција има реални шанси да оствари победа.
– Норвешка не е наивен противник. Напротив. Минатата година на Европското првенство покажаа дека се селекција во подем, а истото го потврдуваат и овде на Мундијалот. Сепак, верувам дека доколку одиграме како на натпреварите со Исланд и особено Шпанија, кадарни сме да ја победиме Норвешка. Едно, знам. Ќе го дадеме максимумот и последниот атом на сила, бидејќи поправен испит нема, изјави Лазаров.
Предводени на клупата од Кристијан Берге, a на теренот од Сандер Сагосен кого многумина го споредуваат во Лука Карабатиќ, Норвежаните се комбинација на тим од младост и искуство, налик на репрезентацијата на Македонија.
Селекторот Лино Червар за денешниот меч не ќе може да смета на Дејан Манасков за кој поради повреда шампионатот е завршен, а прашање е колку ќе може да помогне и ветеранот Филип Миркуловски кој исто така заработи повреда на бутниот мускул на мечот со Исланд.
Натпреварот Македонија – Норвешка ќе се игра во терминот од 16 часот, а е прв од четирите средби од осминафиналето кои ќе се играат денеска на Мундијалот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.