| четврток, 6 декември 2018 |

„Зидојче цајтунг“: Нова криза во Грција ќе им предизвика штети на Германија и Европа

Берлин посакува грчката криза да не се инволвира во германскиот предизборен натпревар, пишува весникот „Зидојче цајтунг“, но дополнува дека нештата се развиваат поинаку затоа што е исклучително нејасно дали Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ќе продолжи со своето учество во грчката спасувачка програма, информира грчкиот весник „Њуз.ин“.

Германскиот Парламент пред две години се согласи да ја прифати третата грчка програма, откако владата вети дека еден независен трет играч, во случајов ММФ, ќе ја следи примената на програмата.

Токму ова ветување всушност сега се претвора во многу опасен механизам во внатрешната политика на Германија. Ветувањето, меѓутоа, се покажа избрзано, затоа што ММФ верува дека нема претпоставки за негово учество во грчката програма.

Од друга страна, Грција на почетокот од летото очигледно ќе има потреба од нова финансиска инјекција. Европејците би можеле без проблеми да ги префрлат парите, но германскиот Парламент, меѓутоа, може да се согласи со оваа постапка само доколку во неа учествува и ММФ, коментира „Зидојче цајтунг“.

Весникот стравува дека доколку тоа не се случи има опасност да се појави опасна ситуација во најжешката фаза од предизборната борба во Германија. Грчката Влада може да го обвини Берлин дека земјата ја фрла во економски хаос. Евентуалната криза би предизвикала големи штети на Германија и Европа, смета германскиот весник .

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top