| четврток, 6 декември 2018 |

Николиќ: Ако им одмолчиме на Албанците, јас повеќе нема да бидам претседател

Tomislav Nikolik

Претседателот на Србија Томислав Николиќ изјави дека е подготвен да се повлече од претседателската функција ако Србија во случај на убивање Срби во Косово им одмолчи на Албанците. Реагирањето на европските претставници на неговите изјави, по седницата на Советот за национална безбедност, Николиќ ги нарече измама.

– Европската унија требаше да реагира кога неодамна беше минирана пругата и кога не беше дозволено да помине српски воз. Па ако Јоханес Хан вели дека јас не гледам во иднината и дека иднината на Србија е независно Косово, тогаш немаме за што да разговараме. Тогаш тој е измама за сите времиња, и тоа што го прави ЕУ е измама, нагласи Николиќ за белградски Курир.

На вагоните од возот што тргна од Белград за Косовска Митровица на повеќе јазици беше испишано “Косово е Србија”, а ентериерот беше декориран со фрески од православните манастири во Косово, кои се под заштита на УНЕСКО. Ова предизвика остри реакции.

Николиќ претходно изјави дека секој следен обид на привремените институции на Косово да предизвикаат судир, како настаните поврзани со возот, лошо ќе заврши.

Косовскиот претседател Хашим Тачи, пак, рече дека намерата на Србија е го искористи возот што го донираше Русија за да го отцепи северниот дел од Косово, а потоа да го припои на Србија на истиот начин како што Крим и беше припоен на Русија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top