| четврток, 6 декември 2018 |

Дневник: Лага е дека со писмо се бара враќање на визите за Македонија

European_Commission_740

Четворица европски министри за внатрешни работи не испратиле барање за повторно воведување визи за Македонија и за некои други балкански земји до ирското претседателство со ЕУ, како што деновиве се рашири преку медиумите.

Весникот „Дневник“ за ова добил официјално писмо од претседавачот на ЕУ, Ирска.

Одделот за правда на ирското претседателство со ЕУ вчера во писмен допис нѐ информира дека постои такво писмо, но не и такво барање какво што беше објавено од „Дојче веле“, а пренесено од повеќе медиуми кај нас.

„Ирското претседателство потврдува дека писмото од министрите за внатрешни работи на Германија, Австрија, Холандија и на Велика Британија го прими на 23 април, а кое беше објавено во германските медиуми на 25 април. Kако и да е, станува збор за прашање во врска со слободата на движење на граѓаните на ЕУ во рамките на Европската унија. За ова прашање ќе се дискутира на Советот за правда и за внатрешни прашања на 6 и на 7 јуни. Во писмото не се спомнува визниот режим за Западен Балкан“, се наведува во писмениот допис испратен од одделот за правда во Даблин.

„Дневник“ вчера преку дипломатски канали дојде до копија од писмото потпишано од министрите на Германија, Ханс Петер Фридрих, на Австрија, Јохана Микл-Лејтнер, на Холандија, Фред Теевен, и на Велика Британија, Тереза Меј. Во него се обрнува внимание на прашањето за слободата на движење, при што министрите подвлекуваат дека слободата на движење не е безусловна.

„Во моментов повеќе општини, населени места и градови во различни земји-членки значително се погодени со одредени имигранти од други земји-членки… и тие имигранти не ги исполнуваат условите за да ги остварат нивните права“, се наведува, меѓу другото, во писмото на министрите. Во писмото никаде не се споменува Западен Балкан, ниту визниот режим.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top